Унгарскиот премиер Виктор Орбан се гордее со тоа што Унгарија важи за една од европските држави во кои најтешко се добива азил, што може да се забележи по бројните плакати низ земјата кои им порачуваат на мигрантите дека не се добредојдени. Но, се чини дека оваа практика не важи за Никола Груевски, кој има долго пријателство со Орбан, развиено додека тој беше премиер на Македонија, пишува британски „Гардијан“.
Груевски не беше приморан да чека во прифатните центри на унгарската граница додека се процесуира неговото барање, туку му беше дозволено да престојува во Будимпешта.
Гласноговорникот на унгарската влада Золтан Ковач истакна дека „е направен преседан, бидејќи невообичаените случаи, како овој, бараат невообичаени мерки“. Брзината со која беше решено барањето за азил, сугерира на специјален третман.
Пратеникот од опозициската партија Јобик, Мартон Ѓенѓеши, истакна дека властите му порачале на комитетот за национална безбедност оти барањето на Груевски уште се разгледува и дека за негово решавање ќе биде потребно подолго време, додека поранешниот македонски премиер објави дека добил азил.
– Некој тука лаже, а сигурен сум дека тоа не е Груевски. Тој е осуден криминалец во неговата држава и треба да биде вратен веднаш. Не можам да се сетам на ниту една добра причина за ризикот од меѓународен скандал поради овој случај, освен ако не станува збор за корупција или скриен геополитички аспект – кажа Ѓенѓеши, додавајќи дека за одлуката е потребно одобрување од државниот врв.
Допрва се очекува одговор на членките на ЕУ и на НАТО, по одобрениот азил од Орбан. Унгарскиот премиер има двотретинско парламентарно мнозинство добиено на изборите во април, кои му донесоа трет последователен мандат.