Негирањата на македонската историја продолжуваат во бугарските медиуми. Еден од последните примери е искажувањата на Иван Николов – бугарски новинар и редактор на списанието „Бугарија-Македонија”.
Николов, во текстот кој што е објавен во „БГНЕС”, ги обвинува македонските историчари дека никогаш не ги цитираат изворно историските материјали и дека ги прилагодуваат кон матрицата на македонското толкување на фактите. Според бугарскиот новинар: „Ова е закон во државата Пендаровски, Заев и Мицковски.Овој закон беше создаден од Блаже Конески и Харалампие Поленаковиќ, потврден од „научните“ дела на Блаже Ристовски, Гане Тодоровски, Димитар Митрев, Иван Катарџиев… Прашањето дали е можно почетниот млад историчар, лингвист или културолог во Скопје да се обиде да ја разбие оваа крута „научна“ рамка, има само еден дефинитивен одговор: „Не, не е можно!“ И во Скопје, и политичкиот и државниот врв ја толкуваат оваа аномалија како европска вредност.”
Споменатиот автор предлага заедничка презентација на историските извори и материјали во Брисел и Скопје, а меѓу предложените документи се копиите од оригиналите дела на браќата Миладинови, Григор Парличев, Кузман Шапкарев, Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Рајко Жинзифов, како и „Автобиографија“ од Марко Цепенков, фототипното издание на првиот, вториот и особено третиот број на списанието „Лоза“ – 1892 година и фототипното издание на весникот „Македонија“ од Коста Шахов, оргиналната статија на Крсте Петков „Народноста на Македонците“, спомените на Дамјан Груев и Ѓорче Петров и др.
Сосема на крајот, Иван Николов вели дека доколку Скопје се согласи да учествува во спроведувањето на овој проект, тоа ќе значи дека Македонија повеќе не се плаши, а ако одбие да учествува во оваа иницијатива, тоа ќе ги открие нејзините лажни намери да се приклучи на семејството на демократските општества. Ова ќе биде тест за отстранување или не на бугарското „вето“.
Очигледно е дека Иван Николов селектира одредени извори со цел да го докаже бугарскиот карактер на Македонците, притоа намерно или не, заборава дека постојат уште илјадници други историски извори и документи кои што го говорат токму спротивното. Тука треба да се споменат неколку весници кои се печатат во Бугарија и Османлиската Империја кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.
На 28 јуни 1895 година излегува првиот број на весникот „Револуција“, со подзаглавие орган на македонските револуционери, и била објавена програма на групата околу Васил Главинов. Во статијата „Нашата програма“ било забележано дека пред се, за да востане народот во Македонија, треба да биде подготвен и обучен. Условите налагале систематска пропаганда, неуморна дејност од страна на сите дејци кои што при срце го имаат ослободителниот идеал. Затоа излегол весникот Револуција, кој ќе биде орган на сите млади револуционери, а девизата ќе биде „ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци“. Во систематската борба ќе се пропагира идејата за создавање на една „независна Македонска република.“ Како интернационалисти, ние ќе ги присоединиме своите усилби со тие на српските, хрватските, грчките и другите револуционери и на тој начин ќе ги парализираме сите шовинистички агитации и ќе приготвиме почва за создавање на една „слободна и независна држава“. (Революция; Органъ на македонските революционери, Година I, 28 Юний 1895 год., Брой 1, 1.)
На 1 мај 1895 година, софиските работници на број околу 1 000 души одржеле манифестација во чест на празникот на работниците од целиот свет. Празнувањето на софиските работници – социјалисти завршило со еден банкет во локалот на браќата Прошекови. Меѓу останатото, пред присутните Ст. Русев одржал говор во кој истакнал дека се појавило македонското прашање со сите негови сложености. Според Русев, при таквата положба на работите една од главните зачади на бугарските социјал – демократи е да дадат најголемо содејство на револуционерното движење кое се создавало. Со рушењето на турскиот деспотизам ќе се отвори широка почва за демократијата. Нека и ние бугарските социјалисти принесеме свој внос во македонското движење. „Откако посакувам секој да се воодушевува од идејата за ослободувањето на Македонците, завршувам со викотот: да живее македонското дело!“ (Право; Органъ на политическитѣ и духовни интереси на българското население въ Турция, Год I, 25-й Априлъ 1895 г., Брой 23, 3.)
Бугарскиот весник „Женски глас“ на 15 мај 1901 година пишува дека во Париз заседавала Лигата за мир. Според весникот, Бугарскиот женски сојуз и друштвата Екатерина Симитчиева предложиле еден меморандум кој требало да биде испратен до споменатата лига. Во меморандумот било истакнато: „… ние ја молиме Лигата на мирот да го употреби своето моќно влијание во полза на измаченото христијанство во Македонија. Таа би можела да го направи тоа великодушно дело, кога би се потпрела врз еден меѓународен договор потпишан од големите сили и Турција. Берлинскиот договор содржи, навистина, во својот 23 член едно ветување за реформи во Македонија од страна на Високата порта. Тој член не ја изгубил силата; тој е само нарушен од Турција. Македонците сакаат имено прилагање на тој член, кој за Турција преставува еден тржествен и задолжителен ангажман.“ (Женски Гласъ; орган на соф. жен. образователно дружество, Год. II, София 15-й Априлъ 1901 год., Брой 14)
Истиот весник на 1 јуни 1901 година објавува статија од која дознаваме дека по инцијатива на бугарските и македонските женски друштва, кои испратиле до централното биро на Светскиот женски сојуз на мирот еден апел во полза на христијанското население, на 27 јуни 1901 година покровителство на Светскиот женски сојуз била организирана конференција за мирољубиво решение за Македонското прашање. Конференцијата била отворена од принцезата Вишневска – претседател на Светскиот женски сојуз за мир. Вишневска во својот говор истакнала: „…триесет и три бугарски и македонски женски друштва испраќаат апел и молат за посредство на Сојузот за мир, за да знае цивилизирана Европа, дека христијанското население во Македонија се заплашува од истите ужаси, на кои жртви беа несреќните Ерменци.“
Потпретседателката на Светскиот женски сојуз ја замолила Ана Саказова да го прочита апелот испратен од бугарските и македонските женски друштва, како и говорот напишан од Саказова. Според Женски глас, во говорот на Саказова на краток, но јасен начин била опишана положбата на Македонија и нејзиното население, како и желбите на „вистинските воини за Македонското дело – Македонија за Македонците.“ (Женски Гласъ; орган на соф. жен. образователно дружество, Год. II, София 1-й Юлий 1901 год., Брой 20, 1.)
На конференцијата се обратил и Симеон Радев (Богдан) , кои на долго и широко ја опишал положбата во Македонија. Својот говор, Радев го завршил со искажувањето дека: „Македонците хранат големи надежи кон фарнцускиот народ… дека ќе искаже свои симпатии и ќе се заложи за приложување на членот 23 од Берлинскиот договор.“
На 18 април 1903 година, во Софија била организирана манифестација за одбележување на празникот на трудот од страна на работниците – социјалисти. По завршувањето на манифестацијата, пред бројниот народ се обратил Јанко Саказов со „неколку симпатични зборови за каузата на Македонецот“. (Македоно-одрински куриеръ, Година I, София, 19 Априлъ 1903, Брой 7, 3.)
На 6 април 1908 година, „Одрински глас“ ја објавил статијата „Прославата на бугарската вооружена пропаганда“. Според авторот на статијата, бугарската вооружена пропаганда прославувала во Македонија и Одринско, не само затоа што им нанела смртоносен удар на нејзините туѓи непријателски пропаганди, не зашто направила сигурен чекор на патот на бугарските националистички посегања, не, бугарската вооружена пропаганда прославува, затоа што нејзиниот најголем непријател Внатрешната македоно – одринска организација е во агонија. Прославува затоа што после упорна борба со таа организација може да го преземе македонското движење и да го предаде во рацете на бугарскиот монархизам. Авторот забележува дека орудијата на бугарската вооружена пропаганда во Македонија и Одринско – свештениците на Врховизмот се објавиле за внатрешна организација. Во однос на конгресот на конзервативната (десницата) групација се забележува дека всушност е тоа е врховистички конгрес, врховисти од новата фирма. Дека конгресот бил врховистички, било доволно само да се разгледа декларацијата на конгресот. Во тој правец се објаснува: „Врховизмот – тоа е спроводник на бугарските националистички претензии; неговата крајна цел е Сан – Стефанска Бугарија; на автономијата тој гледа само како на преодна форма и како на средство за надмудрување на непријателските посегања на останатите фактори по македонското прашање; разбирајќи го македонскиот проблем како бугарско – националистички, тој секогаш бил во полна услуга на врховните диригенти на бугарската политика.“
Според „Одрински глас“, врховизмот во себе „немал ништо револуционерно, и се обидувал да го искористи создавањето на анархијата со цел за да може да ја тревожи дипломатијата, како што Петко Пенчев се изјаснувал, и да предизвика надворешна интервенција. Врховизмот е реакционерна сила во самото револуционерно движење и спроводник на бугарските националистички аспирации. Одрински глас нагласува, отсекогаш мисијата на врховизмот била да го потчини револуционерното движење и да го стави во услуга на тие аспирации, да го даде неговото врховно раководство во рацете на тие, кои што раководат со судбината на Бугарија. Да, најпосле гледаме, врховизмот успеа да се прогласи за внатрешна организација, тој прославува.“ (Одрински гласъ, Година I, София 6 Априлъ 1908 Год., Брой 13)
Во март 1912 година, весникот „Нов век“ го пренесува заклучокот на полициската истрага во Солун по убиството на Георги П. Димитров ученик во VII клас во солунската гимназија. Според истрагата, убиениот бил член на македонската револуционерна организација и бил во лоши односи со еден од своите соученици – Димитар Шопов, кој според истрагата клонел кон „македонската републиканска партија“. Според полициската истрага, убиството било извршено од страна на Шопов или неговите политички сомисленици. (Новъ вѣкъ; органъ на народно-либералната партия, 8 Мартъ 1912 година, Брой 1852, 2.)