Пренасочување на дел од парите на дијаспората од тековната потрошувачка во инвестиции за сите досегашни влади беше голем предизвик, но некаква конкретна акција во таа насока не беше преземена. Во меѓувреме, упатените во оваа проблематика посочуваа повеќе примери на успешно мобилизирање на иселениците во функција на инвестирање во матичните држави што во случајот на Македонија, исто така, останаа само добронамерни укажувања
Многу од земјите во светот бараат начини за привлекување на парите од нивните иселеници во националните економии. Во Македонија, пак, според некои процени, дознаките од дијаспората изнесуваат околу една милијарда евра годишно, но тие главно се користат за тековна потрошувачка.
Пренасочување на дел од овие пари во инвестиции за сите досегашни влади беше голем предизвик, но некаква конкретна акција во таа насока не беше преземена. Во меѓувреме, упатените во оваа проблематика посочуваа повеќе примери на успешно мобилизирање на иселениците во функција на инвестирање во матичните држави што во случајот на Македонија, исто така, останаа само добронамерни укажувања.
Токму поради значењето на овој витален дел од нашата држава и економија битно е да се истражи што прави Македонија и постои ли стратегија да се искористи потенцијалот на иселениците.
Во изјава за турската новинска агенција „Анадолија“, министерот без ресор во Владата, кој е задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, информира дека она што официјално како податок постои во НБРМ е дека на годишно ниво помеѓу 460-500 милиони евра од дијаспората влегуваат во државата. Меѓутоа, неофицијално, според него, бројките одат и до една милијарда.
И универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети коментирајќи ја оваа состојба, ја потврди процената дека неофицијалната бројка е навистина многу поголема од официјалната.
– Тоа се навистина големи суми пари, кои честопати економската наука ги истражувала во земјата. Она што е заклучено е дека тие не се инвестираат во нашата држава туку две третини од нив се трошат нерационално за приватни цели како на пример за прослави за свадби и слично – објаснува професорот.
Беџети смета дека властите во земјата треба да сторат повеќе за да го запрат негативниот тренд на користење на парите на иселениците, но и да изградат политики што долгорочно ќе го извлечат најдоброто од дијаспората. Според професорот, најдобар механизам што може да се примени е активниот статус што во земјата го уживаат странските инвеститори, чии привилегии доколку им се дадат на нашите иселеници долгорочно и на повеќе нивоа позитивно би се одразиле врз нашата економија.
– Иселениците се разликуваат од странските инвеститори во делот дека тие освен економската придобивка со државата делат и вредности што ги немаат странците како емотивните врски, историските, културните, семејните и така натаму. Па токму поради тоа државата треба да направи поголеми напори да ги привлече парите на сонародниците од странство или барем да ги израмни со напорите за привлекување на странските инвеститори – вели Беџети.
Поранешниот дипломат Коста Стоименовски, пак, во својата неодамнешна колумна за „Нова Македонија“, потсетувајќи на успешната транзиција и развојот на полската економија, како на многу значаен фактор, посочи на тамошното искуство со привлекување на иселениците да се вратат и да инвестираат во татковината.
– По уривањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година и по укинување на визите, многу Полјаци заминаа на „печалба“ во западноевропските земји. Во Франција беше создаден мит за „полскиот водоводџија“, кој се покажа, не само како водоводџија, туку и како универзален занаетчија! Во полските медиуми беа објавувани информации дека Полјаците во Лондон преспиваат во јавни тоалети и се натпреваруваат за место во нив! Меѓутоа, откако заработија пари, Полјаците се враќаа и отвораа свои бизниси во Полска. Прагматичните Полјаци се определуваа за следната животна филозофија: „Подобро мал бизнисмен во својата татковина отколку аргат во туѓина!“ Олеснителна околност за повратниците беше либералниот модел за започнување бизнис во оваа земја – објаснува Стоименовски.
Од искуството на Полска со транзицијата, според него, можат да се извлечат важни поуки, особено околу дерегулацијата и стимулирањето на нашите иселеници да се вратат и да отвораат свои бизниси во Македонија.
– Познато е дека досега сериозна пречка за враќање и за отворање бизниси од страна на нашите иселеници се корумпираните бирократи, кои треба да се „подмачкуваат“ за секое одобрение и/ли дозвола за отворање бизнис во нашата држава! За да се создадат услови за развој на малите бизниси во нашата држава едноставно треба да им се ограничат надлежностите на бирократите! – препорачува Стоименовски истакнувајќи дека добро би било македонските политичари да го проучат и да го применат полското позитивно искуство со либералниот економски модел за започнување бизнис, кој, како што тврди, се покажа мошне успешен.
Во меѓувреме, „Дојче веле“, во анализа на слична тема констатира дека Македонија, како и речиси сите земји од Западен Балкан, не го искористува доволно економскиот потенцијал на сонародниците во странство, и потсетува дека на крајот на јануари годинава Европскиот совет за односи со странство објавил студија на авторката Алида Врачиќ, која се занимава со проблемот на емиграцијата од земјите на Западен Балкан и нуди решение преку примерот на Ирска.
Клучната поента на студијата е дека Ирска во раните 1990-ти била во многу слична ситуација со балканските земји, а денес, земјата е седишта на „Мајкрософт“ и на „Гугл“. Првиот чекор кон искористувањето на потенцијалот на иселениците го презела претседателката Мери Робинсон, која на средината на 1990-тите години најпрво ја преброила и ја идентификувала дијаспората, а потоа нејзината влада изградила и имплементирала стратегија од која се извлекле бенефициите за татковината.
– Во 1996 година, на пример, започнува проектот со кој целно се охрабруваат Ирците во странство да отворат свој бизнис во татковината. Во 1999 година, владините институции утврдуваат дека се потребни посеопфатни гаранции од Владата, особено во делот на финансирањето и инфраструктурата. Три години подоцна, во 2002 г., нов извештај утврдува дека мерките можат натамошно да се засилат преку формирање посебно тело, кое ќе им дава поддршка на Ирците во странство и ќе ги финансира инвестициите. Формирано е специјално тело Единица за поддршка на емигранти, а покрај него и серија иницијативи. Од 2004 година до денес, ирската влада инвестирала свои фондови во 34 држави како поддршка за глобалната ирска заедница. Во меѓувреме, развиени се и онлајн-апликации како што е „Локаторот на глобални вештини на дијаспората“, преку кој секој заинтересиран иселеник може да провери што се нуди на ирскиот пазар за неговата професија. До денес, укинати се сите административни и други пречки што на било кој начин би го попречувале враќањето на иселениците во татковината, а целата дијаспора е преброена и сместена во два каталога – се вели во заклучоците на студијата.