Младинското движење за климатска правда „Петоци за иднината Скопје“, за утре, во 15 часот, најавува протест пред Собранието, каде што, како што велат, ќе побараат крај на фарсата што партиите деновиве им ја сервираат на граѓаните во врска со законот за отпад.
– Протестниот собир ќе има централен перформанс – симболично седнување на улицата, кое ќе ја претставува чекалницата во која се наоѓаат граѓаните додека се донесе решение за секојдневното труење од согорување отпад. Ќе седиме, но не со скрстени раце, затоа што долгата битка, која минатата есен ја нарековме зелена револуција, продолжува во 2020 – најавуваат од ова движење.
Од таму нагласуваат дека властите досега не исполниле ниту еден процет од списокот со барања на коалицијата „Зелен фронт“, а калкулирањето со законот за отпад, чиј рок за донесување беше крајот на минатата година, според нив, само потврдува дека животната средина е на дното на листата на приоритети.
– Наместо политичките лидери веднаш да преземат мерки за спречување на оваа закана за здравјето на своите избирачи, тие купуваат време со патетични изговори зад кои многу веројатно се кријат интересите на олигархијата во државата – велат од „Петоци за иднината Скопје“ истакнувајќи дека за граѓаните, а особено за младите, животната средина е највисокиот приоритет.