Министерството за образование и наука ги повика наставниците да аплицираат на повикот за кариерен напредок во звањата – ментор и советник, што подразбира и стекнување дополнителен паричен надомест.
– Се работи за право кое произлегува од новиот Закон за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, креиран како дел од Планот за темелна реформа на националниот образовен систем и има за цел да влијае на личната мотивација на наставниците за работа и да придонесе за подигнување на дигнитетот и општествената важност на просветителската дејност. Повикот предвидува конкретни квоти за секоја општина, односно колку најмногу наставници во текот на оваа календарска година можат да напредуваат во соодветното звање – соопшти МОН.
За да се пријави еден наставник на повикот, потребно е да исполнува неколку услови, односно да има најмалку 7 години работни искуство како наставник, да е вработен на неопределено работно време и да ги исполнува професионалните стандарди за наставник – ментор.
Крајниот рок за аплицирање е 21 јануари 2021 година, а резултатите од повикот ќе бидат објавени најдоцна до 10 февруари 2021 година.