Поранешна фабрика ОХИС Фото: Игор Бансколиев

Иако надлежните негираат, поранешните вработени во ОХИС тврдат дека се работело со жива и дека таа и натаму несоодветно се чува, а поголем дел од неа завршил во почвата или испарил во воздухот, но и на непознати локации надвор од фабриката

Надлежните не знаат какви сè опасни хемикалии, вклучувајќи и жива, за која пишуваше „Нова Македонија“, се кријат во кругот на некогашната скопска фабрика ОХИС, иако поранешни вработени тврдат дека фабриката е еколошка темпирана бомба, која во секој момент може да експлодира. Уште позагрижувачки е тоа што надлежните немаат информации ниту за локациите, на кои, според тврдењата на поранешните вработени, бил складиран опасниот отпад надвор од фабричкиот круг.
– Во документацијата што ја поседуваме нема ставка жива – кратко одговори Маринко Саздовски, стечаен управник во ОХИС, притоа додавајќи дека во моментот се работи на отстранување на 11 опасни хемикалии од кругот на фабриката и дека целата постапка се следи од надлежните служби.

Дополнителна загриженост во јавноста внесе и информацијата дека во ОХИС се наоѓа и вагонска цистерна во која има складирано винил хлорид, кој е исклучително експлозивен доколку не се одржува на одредена температура, а бидејќи претходно била отстранета железничката врска со фабриката, цистерната е заглавена во фабричкиот круг и опасната хемикалија ќе мора да се преточува на самото место.
Првиот човек на „Еко центар 97“, фирма што е ангажирана за дислоцирање на отпадот, Владо Момировски, не знае какви сè хемикалии има во фабриката, тврдејќи дека се отстрануваат само 11 вида опасен отпад што бил утврден со елаборат и за чие отстранување е ангажирана неговата фирма.

– Не знам дали има жива во фабриката. Во елаборатот има наведено 11 опасни хемикалии за отстранување и мојата фирма работи на тоа. Досега се изнесени два конвоја со опасен отпад и тој веќе е уништен во Базел, Швајцарија – тврди Момировски.
Тој потврдува дека во кругот на ОХИС се наоѓа опасна цистерна со винил хлорид, но вели дека бидејќи тие како компанија не се стручни да се справат со овој проблем, ангажирале француска компанија што ќе врши преточување на оваа опасна хемикалија, а тоа би требало да се случи до крајот на март, бидејќи временските услови не дозволуваат тоа да се прави при високи температури.
Од друга страна, поранешни вработени обвинуваат дека компанијата „Еко центар 97“ незаконски е избрана на тендерот и дека ги нема потребните сертификати за вршење деликатни работи од овој вид.

– Во неколку наврати предупредивме дека оваа фирма нема капацитет да го отстранува опасниот отпад од ОХИС, но никој не сакаше да нè прими и да нè сослуша, туку стечајниот управник пресече дека „Еко центар 97“ ќе го отстранува отпадот. Ние подготвуваме тужба – велат поранешни вработени.
Тие уште додаваат дека, иако надлежните негираат, во ОХИС се работело со жива и таа и натаму несоодветно се чува, а поголем дел од неа завршил во почвата или испарил во воздухот, но и на непознати локации надвор од фабриката.
– Луѓето што работеа таму драстично беа потешки од вообичаени луѓе, сите имаа апсорбирано жива во организмот… Флората и фауната околу погонот беа уништени. И сега гарантирам дека има жива во почвата – вели еден поранешен непосреден работник во погонот за електролиза.

Тој додава дека од испарувањата на живата, но и од загадувањето на почвата директно биле загрозени и скопските населби Драчево, Пинтија и Лисиче.
Според Ефтим Муратовски, поранешен вработен во ОХИС, во периодот 2007-2008 година чешката влада дала грант од еден милион евра за испитување на подземните води и почвата на ОХИС.
– Како резултат на истражувањата што беа направени тогаш, знаеме дека живина технологија се користеше во објектот за електролиза и постои можност да ја има под целиот овој објект. Анализите покажаа дека живата мигрирала во подлабоките слоеви на почвата подлабоко од 20 метри, но и надвор од погонот. Во таа студија беше посочено дека постои опасност да биде зафатено земјиштето, сè до кејот на Вардар, а земјата да е загадена и непогодна за земјоделски култури – рече Муратовски.

Како што претходно пишуваше „Нова Македонија“, повикувајќи се на изјави на технолози што долги години работеле во ОХИС, за време на работењето на фабриката секоја година исчезнувале по два тона жива, без да се знае каде завршува таа, дали во воздухот или, пак, во почвата. Поради актуелноста на ситуацијата и опасностите што може да произлезат од несоодветното складирање на отпадот, како што се случи минатиот ноември, кога истече контаминирана вода при плакнењето на резервоарите во кои бил складиран метил акрилат мономер, локалните власти во скопската општина Кисела Вода организираа јавна дебата на која се расправаше за состојбата со опасниот отпад во ОХИС.
Иако беше најавено учество и на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, тој не присуствуваше на состанокот поради, како што појасни организаторот, обврски во Собранието.


Дел од опасниот отпад патува кон Швајцарија

Операцијата за чистење на дел од опасните хемикалии во ОХИС е во тек, а на почетокот на неделава втората тура со 88 буриња полни со хемиски супстанции била испратена на уништување во Базел, Швајцарија.
Претходно еден контингент буриња кон средината на јануари беше однесен во Швајцарија, а хемикалиите биле успешно уништени. Првиот човек на „Еко центар 97“, Владо Момировски, најавува дека и во следниот период ќе продолжи транспортот на опасниот отпад од ОХИС во Швајцарија.
– Динамиката ќе зависи од тоа како ќе ги добиваме дозволите од сите седум земји низ кои транзитира транспортот со опасни хемикалии – појасни Момировски.
Фирмата „Еко центар 97“ доби рок до април годинава да ги отстрани сите 11 хемиски супстанции, вклучувајќи го и винил хлоридот. Во кругот на ОХИС ќе останат само двете депонии со линдан, за чие чистење е надлежна државата, и жива, која, според поранешните вработени во фабриката, сѐ уште ја има во големо количество.