Изборот на храна што го прават децата често е автоматска реакција на физичката средина во која живеат – нездравите грицки и пијалаци се достапни во училиштата, како и во околните продавници, а она што недостига се привлечни здрави алтернативи. Ова, што и кај нас веќе на прв поглед може да се види, го констатирал истражувачки тим од Велика Британија, кој во соработка со Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) ги барал причините што кај децата на училишна возраст предизвикуваат зголемување на тежината и дебелина. Увидот покажал дека социјалните и културните фактори придонесуваат во изборот на храна за децата.
– Родителите се обидуваат да им помогнат на своите деца да одржат добар социјален статус меѓу своите врсници, со тоа што ќе им дадат доволно пари за да купат ужина за време на паузите од училиштата, кои честопати се нездрави. Покрај тоа, „традиционалната храна“ често се смета за „здрава храна“ од страна на некои деца без оглед на содржината на калориите и хранливиот состав на оваа храна. Светските истражувања покажуваат дека не е доволно само да се обезбеди информација за здрава исхрана и оти мала е веројатноста дека тоа ќе предизвика голема промена во однос на тоа што јадат и пијат луѓето. Поголем успех за промена на однесувањето ќе се постигне доколку, освен информација, има и регулатива во врска со тоа каква храна се продава во и околу училиштата. Исто така, потребно е воведување информации на етикетите на производите и справување со погрешното сфаќање за тоа што е нормална тежина – објаснуваат во канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
Според статистиките, во нашата земја секое трето дете има прекумерна тежина или дебелина – една од највисоките стапки на листата на Светската здравствена организација за Европа.
– Загрижува и фактот дека трендот на прекумерна тежина кај децата на возраст од седум години има тенденција на раст – кај момчињата од 37,9 отсто во 2010 на 39,4 отсто во 2016, а кај девојчињата од 31,5 отсто во 2010 на 32,9 отсто во 2016 година. Се цени дека во земјата има околу 70.000 деца на училишна возраст со прекумерна тежина – додаваат оттаму.
Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Институтот за јавно здравје, ја спроведе четвртата (последна) фаза од истражувањето на навиките во исхраната на деца од 1 до 9-годишна возраст. Проектот се спроведува со поддршка на Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА) и со него беа опфатени вкупно 1.080 дечиња.
– Анкетирањето за навиките во исхраната на дечињата се реализира во 270 домаќинства во секоја сезона одделно (пролет, лето, есен, зима). Во тек се активности за анализирање на собраните податоци од спроведеното анкетирање, кои по обработката, во согласност со европската методологија за спроведување ваков тип истражувања, ќе бидат внесени во посебен информативен систем, по што ќе бидат пратени до ЕФСА. Со ова истражување, покрај навиките во исхраната на децата од овие две категории, и македонските традиционални јадења, како дел од националното мени, ќе станат дел од таканареченото ЕУ-мени – информираaт во АХВ.
Истражувањата на навиките во исхраната Европската Унија ги спроведува во одредени држави неколку години едноподруго, а првпат, во рамките на соработката на Агенцијата за храна и ветеринарство со ЕФСА и нашата држава беше вклучена во него. Собраните податоци од анкетата за навиките во исхраната на дечињата се основа за процена на ризик и за управување со ризик во земјава и предуслов за идниот развој на активностите поврзани со исхраната и креирање на политиките за исхрана на населението. Неодамна беа објавени резултати од глобалниот извештај за состојбата на децата во светот за 2019 година „Децата, храната и исхраната“. Извештајот ги опишува трите вида лоша исхранетост: потхранетост, скриен глад предизвикан поради недостиг од основни хранливи состојки и преголема тежина кај децата на возраст под пет години. Лошата исхранетост ги погодува децата и во сиромашните и во богатите земји. Една третина од децата под пет години во светот страдаат од лоша исхранетост – преслаби, прениски за возраста или предебели – додека две третини се во ризик од лоша исхранетост и скриен глад поради слабиот квалитет на храната што ја јадат.