Под мотото Бадник за сите! – Радост за сите!, денеска, ден Бадник, во 40 градови и населени места во Македонија, над десет илјади деца, ќе земат учество во Бадниковите поворки кои што оваа година бележат десет години од возобновувањето на оваа древна православна традиција.
За Бадниковите поворки во Скопје, денот ќе започне во раните утрински часови со поставување на најголемото бадниково колаче во дворот на Соборниот храм, како подвиг на двајца пекари Горан Петковски и Зорица Трајковска, кои ја прифатија поканата на Здружението Бадникови поворки, да дадат свој придонес кон празнувањето и да го овековечат рецептот за подготовка на традиционално бадниково колаче какво што се правело отсекогаш. Колачето кое го симболизира бебенцето Исус, е високо 3 метри, а тешко над 100 кг. Поднесена е апликација до Гинис од каде се очекуваат инструкции за следната година Македонија да има Бадник за Гинис во сите сегменти од традиционалното православно празнување. Инаку, за сите посетители кои ќе дојдат да го видат најголемото бадниково колаче, тимот пекари има подготвено околу 5.000 бадникови колачиња кои ќе бидат поделени меѓу народот.
Активностите на Бадниковите поворки во Скопје уште во раните утрински часови, опфаќаат и посета на Домот за стари лица каде што група дечиња во придружба на старите бадникари, ќе ги израдуваат лицата сместени во домот. Освен што ќе им ја отпеат коледарската песна „Вечниот Бог“, имаат подготвено и други изненадувања за нив.
За тоа време, деца од Бадниковата поворка во Охрид, ќе го посетат Претседателот Стево Пендаровски кој заедно со своето семејство, празниците ги поминува токму во Охрид. Оваа веќе востановена традиција да се коледарува кај Таткото на државата, за прв пат ќе ја доживее семејството Пендаровски кое како и секое друго семејство, со голема радост се подготвува да ги дочека коледарчињата и да го прослави големиот христијански празник Божик.
Освен во Скопје и Охрид, со многу пригодни активности се ангажирани и Бадниковите поворки во останатите 38 градови и населени места : Битола, Охрид, Струга, Кичево, Прилеп, Дебар, Велес, Штип, Крушево, Куманово, Струмица, Богданци, Виница, Ростуше, Луково, Велгошти, Кривогаштани, Гевгелија, Валандово, Свети Николе, Тетово, Гостивар, Ресен, Могила, Демир Капија, Кавадарци, Пробиштип, Радовиш, Неготино, Кочани, Делчево, Македонска каменица, Дојран, Вратница, Брвеница, Старо село, Беловиште, Рогачево и Теарце, каде распеаните коледарчиња ќе сеат љубови и радост и ќе го најавуваат Христовото Раѓање.
Очекувано, најголем број, од околу 3.000 коледарчиња се очекуваат низ улиците на Скопје, а на ниво на Македонија повеќе од 10.000 деца ќе чекорат во Бадниковите поворки.
Што се однесува до централната манифестација во Скопје, стартува во 10.30 часот пред црквата „Св. Димитриј” каде што семејствата со деца, најпрво ќе дојдат да подигнат бесплатни ѕвездички за децата, а потоа и да учествуваат во формирањето на најголемата Бадникова поворка предводена од Елена Ристеска, Влатко Лозаноски, Димитар Андоновски, Стефан (Некст тајм), Давид Темелков и Златните славејчиња.
Во 11.15 часот, поворката предводена од македонските музички ѕвезди, ќе се упати кон Соборниот храм каде што ќе се случи и најавеното обединување на Старите скопски бадникари со Бадниковите поворки. По тој повод,ќе бидат доделени признанија и подароци на бадникарите со најдолг стаж, а во рамките на божикниот концерт што го подготвуваат нашите музички ѕвезди, ќе биде промовирана и најново возобновената божикна песна „Христос се роди денес“ во интерпретација на Вера Милошевска – Љубојна и традицискиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
Со доделување пакетчиња на сите деца и покана до сите семејства, побожно во мир, љубов и со добра волја да ги прослават божикните празници, ќе биде заокружено овогодинешното чествување на Празникот на Христовото Раѓање.