Монасите и монахињите на Бигорскиот манастир и на манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“ од дебарското село Рајчица, со голема љубов, учествуваат на богослужбите, а потоа беспрекорно го извршуваат послушанието во извршување на работите да се создадат услови за достоинствено и величествено да се пречека и да се прослави Христовото воскресение – Велигден. Манастирската црква „Св. Јован Крстител“ веќе е украсена, поставен е цветниот епитаф, изработен со над 2.000 каранфили и гранчиња од елка, што го симболизира Христовиот гроб. Во свечено руво е уреден целиот манастирски комплекс. И годинава, во Бигорскиот манастир, празникот над празниците Велигден православните христијани ќе го празнуваат торжествено, најдостоинствено, со многу љубов и радост. Ноќта, меѓу сабота и недела (7 и 8 април), на архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, монасите ќе му го предадат благодатниот оган, кој ќе се појави во навечерието на Воскресението Христово, со несоздадената светлина го осветлува Господовиот гроб во Ерусалим. Според сведоштвата на светите Григориј Ниски, Евсевиј и Силвиј Аквитански, се појавува пред повеќе од 2000 години.
Свети Григориј Ниски ќе забележи: „Апостол Петар виде не само со телесните очи, но и со возвишениот апостолски ум дека гробот е исполнет со светлина, иако беше ноќ“. Со благодатниот оган се палат сите кандила во Ерусалим, а со специјални авионски летови огнот се доставува насекаде во светот. Од аеродромот во Солун, Грција, монаси на Бигорскиот манастир го преземаат благодатниот оган и ќе го донесат во Бигорскиот манастир, годинава од возобновувањето на традицијата е по десетти пат.
– Верниците од благодатниот оган го палат фитиљот на специјално фенерче со газија и го носат во домовите за здравје, успеси и со голема љубов да им се исполнат желбите. Со започнувањето на велигденските пости сите сместувачки капацитети беа резервирани, нема ниедно слободно легло. Ноќта меѓу саботата и неделата, на литургијата и на бдението, очекуваме да има многу народ од сите краеви на Македонија, како и од соседните држави. Манастирските порти се отворени за секој добронамерник. Но, за жал, не сме во можност да ги задоволиме сите барања да обезбедиме легло во манастирските конаци, сместувачките капацитети се недоволни, а интересот голем – ни кажа отец Партениј. Вториот ден на Велигден, во манастирот „Пречиста кичевска“ ќе се одржи Собор на празнување на монашкото братство на Бигорскиот манастир и на монашкото сестринство на манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица, „Св. Ѓорѓи“, с. Кнежино, Кичевско. Празнувањето е посветено на споменот на пречистанските преподобномаченици Пајсиј, Евнувиј и Аверикиј. К.К