Потребно е вклучување на децата со посебни потреби во што поголем број културни активности, особено во процесот на создавање на уметност, подигнување на јавната свест за нивна инклузија во општеството и можност тие да покажат што се знаат, умеат и можат да направат, како и системски пристап во создавање еднакви услови за сите, сметаат учесниците на денешната трибина „Културолошка инклузија на лицата со посебни потреби“.
Трибината е дел од проектот „Уметност за сите“ во чии рамки во Чифте Амамот вчера беше отворена изложба слики „Пролет, лето, есен, зима… и повторно пролет“ изработена од деца со посебни потреби, а биле одржани и работилници.
-Овие деца во рамките на досега одржаните работилници ги надминаа сите наши очекувања. Тие покажаа се што можат, знаат и умеат и дека имаат големи таленти, а некои од нив се дури и генијалци, рече Маја Димитрова координатор на проектот.
Таа додаде дека ова е еден од начините да се подигне јавната свест во општеството за овие деца за нивните можности и за создавање услови во кои тие ќе можат да живеат како останатите, но и да се реализираат.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска посочи дека Владата е целосно посветена на создавање еднакво општество за сите со еднакви можности за сите граѓани.
-Трансформацијата на општеството не се случува лесно, но тоа може да се направи доколку секој од нас постави макар по едно камче во мозаикот, но на вистинското место, рече Царовска.
Притоа потсети дека се работи на целосна имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, дека е формирано координативно тело, како и оти се очекува и формирање тело кое ќе го следи спроведувањето. Исто така, посочи таа, дека се зголемени средствата за поддршка на лицата со попреченост, дека се работи интензивно на деинституционализација, а со новиот закон за социјална заштита персоналните асистенти се гаранатираат како право на овие лица.
Во рамки на проектот „ Уметност за сите “, што се реализира втора година, изработено е и кратко видео снимено во текот на креативните работилници.