На 24 октомври 1921 година софискиот весник „Напред“ ја информираше бугарската јавност за убиството на министерот Александар Димитров. Според пишувањата на весникот, неговото убиство имало политички карактер и биле познати неговите убици бидејќи уште на 3 август му пристигнала смртна пресуда.
Но кој всушност бил Александар Димитров и кој стоел зад неговото убиство? Димитров бил еден од водачите на Бугарскиот земјоделски сојуз, а во 1910 година соработува со Серчани, приврзаниците на Јане Сандански, еден од водачите на македонското револуционерно движење. Во 1919 година Димитров станал министер за внатрешни работи и јавно здравство во владата на Александар Стамболиски.
Бугарската влада предводена од Стамболиски се стремела кон ограничувањето на влијанието на ВМРО предводена од Тодор Александров во Пиринскиот крај, како и во бугарското општество. Александар Димитров како министер за внатрешни работи бил задолжен да ги ограничи вооружените напади на ВМРО.
Постепено, односите помеѓу бугарската влада и ВМРО ескалирале до степен на вистинска војна. Централниот комитет на организацијата во Ќустендил им изрекол смртни пресуди напресуди на бугарскиот премиер Стамболиски и министерот Александар Димитров.
Пред изрекувањето на пресудите, Александар Димитров примил предупредувачко писмо од ВМРО во кое пишувало: „Знајте го следното: никој не може да ми го одземе правото да располагам со својот живот како што ќе најдам за добро, и во рамките на моите можности и сваќања да и служам на мојата поробена татковина.. Кој ќе се обиде да го стори тоа, уверен сум, – благодарение на закрилата на Провидението и на поддршката на организираното македонско население, – во секој случај ќе си ја скрши главата.“
Меѓутоа односите помеѓу двете страни не се подобриле и ВМРО ги спровело наредбите на Централниот комитет. На 22 октомври 1921 година, министерот Димитров во придружба на Ото Нехелес, управник на земјоделскиот народен магазин, чешкиот инженер Марек и телохранителот Методи Георгиев, патувал со автомобил за селото Горно Козница, а од таму за Ќустендил.
Набргу налетале на заседа која била поставена од страна на штипскиот војвода Иван Јанев-Брло и неговите четници. Врз автомобилот во кој патувале биле истрелани повеќе куршуми. Министерот Димитров бил погоден во слепоочницата, а биле убиени и останатите од придружбата, освен Ото Нехелес, којшто успеал да се спаси. Атентаторите со ножеви го избоделе телото на Александар Димитров и му го пресекле гркланот.
Судирот помеѓу бугарската влада и ВМРО на Тодор Александров не завршил со убиството на министерот и својата кулминација ја доживува со ликвидацијата премиерот Александар Стамболиски во 1923 година.