Унапредување на правата и овозможување на подобри услови за лицата со попреченост е приоритет на Министерството за труд и социјална политика.
Со новиот закон за социјална заштита, кој е дел од социјалната реформа, како што се наведува во соопштението на ресорното Министерство, се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост- лична асистенција и услугата домашна нега.
Правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува до 50 отсто од просечна нето плата.
Како поддршка на биолошките семејства кои имаат деца со попреченост се зголемува износот на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15 отсто.
Воедно се воведува и таканаречениот траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст без да го смести во институција, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж.
МТСП појаснува дека исто така се развива и услугата за замена на семејна грижа која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за нив, што е исто така дел од новиот закон.
Владата на Република Северна Македонија изминатата година ја усвои Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, кој предвидува 66 милиони евра за 10 годишна реформа на системот за социјална заштита.
-Веќе се направени првите чекори за воспоставување на индивидуализирани социјални услуги во заедницата – првпат во земјата се воведе услугата персонална асистенција, финансирана од Буџетот на МТСП. По завршувањето на подготовките, вклучувајќи и обука на идните персонални асистенти вкупно 69 лица во 7 општини добија можност да ја користат услугата персонална асистенција. За оваа година се предвидува 200 лица со попреченост од целата земја да ја користат оваа услуга, вклучувајќи ги и лицата со интелектуална попреченост – се нагласува во соопштението.
МТСП нагласува дека новиот закон за социјална заштита е клучен за зголемување на правата на лицата со попреченост.
-МТСП посветено работи да го зголеми обемот на услуги за нив и нивните семејства и презема сериозни активности за развивање на индивидуалните услуги, кои ќе овозможат независен и поквалитетен живот на лицата со попреченот и нивно поголемо социјално вклучување – се додава во соопштението.