Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Македонската православна црква (МПЦ), за територијата на Скопската православна епархија, донесе мерки со кои се препорачува парохиските свештеници да прекинат со водосвети по домовите. Традиционалниот водосвет во пресрет на празникот Велигден, за оваа година да се помести по Светлата недела.
– Светата тајна Крштение, доколку не може да се одложи, да се извршува во најтесен круг. Погребите и помените да се извршуваат само на отворено, на гробовите, во присуство само на најблиските. Се забранува користење на црковните сали и свештеничките канцеларии за собири, часови по веронаука, состаноци на одбори и други нередовни активности. Во храмовите, на секојдневните богослужби, на верниците да им се препорачува да стојат на потребно растојание. Литургиите за празниците да се извршуваат на отворено – порачуваат од МПЦ.
И Исламската верска заедница соопшти дека ги прекинува молитвите со верниците во џамиите.