Треба ли Македонија да ги повлече своите мировници од Блискиот Исток и има ли опасност за македонските граѓани, кои како платени војници или во некое друго својство индивидуално се ангажирани за различни компании во регионот, се прашањата што се наметнаа по ескалацијата на судирот помеѓу САД и Иран, но и откога властите во некои од земјите, како Хрватска и Словенија, веднаш решија да ги повлечат или дислоцираат своите воени трупи и персонал од Ирак. За овие дилеми, како и за тоа дали и како овие случувања би можеле да се рефлектираат врз Македонија побаравме став од државниот врв, но и од неколку воено-политички аналитичари.
Од кабинетот на врховниот командант на армијата, претседателот Стево Пендаровски, велат дека будно се следат случувањата на Блискиот Исток и истовремено појаснуваат дека одлуки за учество во мисии се носат од страна на Собранието по претходен предлог од Владата, која, пак, се раководи од државните интереси и партнерството со НАТО.
– Засега Република Северна Македонија нема мировници во Ирак. Во Авганистан учествуваме во мисијата „Одлучна поддршка“ со 44 мировници за обука, советување и асистенција на авганистанските безбедносни сили. Состојбата на Блискиот Исток се следи будно. Какви било одлуки за мисии се носат од страна на Собранието, а по предолг на Владата, раководејќи се од државните интереси и партнерството со НАТО – соопштија од кабинетот на Пендаровски.
Во меѓувреме, докторот по воено-политички науки Благоја Марковски истакнува дека последниот развој на настаните на релацијата помеѓу САД и Иран е непредвидлив и претставува сериозна закана по безбедноста не само за регионот туку и на глобално ниво. Во таа смисла, според него, треба да се разберат и извршените или најавените преместувања на трупите на некои земји од Ирак на друго место. Освен тоа, како што вели Марковски, иако по завршетокот на мировната мисија „Слобода за Ирак“ Македонија нема армиски претставници таму, ситуацијата треба да се следи на терен и во договор со партнерите од НАТО да се реагира во смисла на безбедноста на нашите граѓани што работат индивидуално во безбедносни фирми во Ирак и на Блискиот Исток.
– Нашите граѓани во тој регион и во Ирак не се директно изложени на борбените дејства во оваа последна ескалација на односите меѓу САД и Иран, но како земја секако треба да размислуваме колку се безбедни нивните животи. Сметам дека во овој момент не постои сериозна потреба за нивно повлекување, но треба ситуацијата да се следи и во договор со партнерите од мисијата да се реагира во смисла на безбедноста на нашите граѓани, кои во најголем дел се од кумановскиот регион – вели Марковски.
Во однос на прогнозите за развој на ситуацијата, Марковски е оптимист.
– Во наредниот период треба да се очекува дека НАТО-структурите ќе се вклучат во решавање на оваа состојба, во смисла на надминување на кризата што ја создадоа САД и Иран со своите борбени дејства. Истовремено за нашата земја како идна членка на Алијансата не треба да се исклучи и значењето на членот 5 од НАТО-договорот во смисла на одбрана на заедничките интереси на членките на НАТО во овие борбени дејства. Оттаму, нашите власти треба да направат анализа на случувањата на Блискиот Исток од кои понатаму би се влечеле следните наши потези – констатира Марковски.
Владата се надева на деескалација
Македонската влада ги осудува иранските ракетни напади врз американските и коалициските воени бази во Ирак, кои доаѓаат како одговор на Иран за убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани. Во овој момент Владата и МНР не располагаат со информации за тоа колку македонски државјани се наоѓаат во Ирак или во Иран, но досега никој не се обратил за помош во министерството.
Ова го објавија вчера македонската влада и Министерството за надворешни работи по вестите за засилувањето на тензиите на Блискиот Исток, нагласувајќи дека земјава останува во постојани консултации со партнерите од ЕУ и од НАТО и дека ја поддржува деескалација на состојбата во Иран.
Кога станува збор за информацијата дали и колку македонски државјани има во Ирак и во Иран, од МНР велат дека во моментов не располагаат со конкретни податоци за бројот, нагласувајќи дека Македонија нема дипломатско-конзуларни претставништва во овие земји
– Во однос на наши државјани со работен ангажман во воените бази во Ирак, МНР не поседува информации од тој тип. Ангажманот што тие лица го имаат не е во надлежност на министерството. Постапката при вработувањето се води независно од институциите на Македонија. Тие лица конкурираат директно во приватни агенции за работа и имаат склучено договор со надлежните органи на САД или други држави присутни во базите. МНР нема увид во нивните договори, поради заштита на личните податоци, а со тоа и нема евиденција на нивниот број и статус – објаснуваат од МНР.