Соопштение на Институтот за историја на уметноста и археологија
Новиот концептот за основно образование на Министерството за образование и наука не само што е донесен на нејасен и крајно нетранспарентен начин, туку многу од неговите аспекти се недоволно или пак целосно лошо обмислени, сметаат вработените во Институтот за историја на уметноста и археологија, кои преку соопштение истакнаа дека внимателно ја следат јавната дискусија на оваа тема, во недостаток на јасни и подетални информации – и кусите извадоци што излегуваат во медиумите. Во продолжение го пренесуваме соопштението на Институтот.
– Врз основа на сѐ што можеше да се види досега, Институтот цени дека Концептот не
само што е донесен на нејасен и крајно нетранспарентен начин, туку многу од неговите
аспекти се недоволно или пак целосно лошо обмислени. Предметот историја во основното образование е мошне важен како за учениците, така и за нас. Овој предмет е прв контакт на учениците со минатото, врз основа на кој ќе решат дали ќе студираат историја или археологија. Предметите, пак, од полето на уметностите се нивен прв контакт со естетиката и уметноста воопшто, по што некои решаваат да го изучуваат нејзиниот развој. Затоа е многу важно тие да добијат чиста и јасна слика за минатото, а не, како што е предложено, „да го толкуваат низ призмата на граѓанското општество“. Материјалните наоди, староисточните цивилизации и средновековната сакрална уметност не може да се толкуваат низ никаква призма, освен онаа на историјата и, подоцна, на археологијата и историјата на уметноста. Имајќи го предвид ова, како и фактот дека ниту еден член од Институтот ниту беше известен, ниту пак консултиран за каква било активност во врска со Концептот, Институтот за Историја на уметноста и археологија целосно и недвосмислено го поддржува барањето на колегите од Институтот за историја. Бараме од надлежното министерство и Владата да запрат сите активности во врска со овој спорен Концепт, а Институтот за Историја на уметноста и археологија да биде задолжително консултиран при правењето на секоја идна реформа – се вели во соопштението.