Фото: Игор Бансколиев

Од МВР издвојуваат дека од почетокот на годинава имаме зголемени обиди за илегален влез во Македонија во споредба со лани, што не е карактеристично за овој период од годината

Бегалците и мигрантите се актуелна тема, која одвреме-навреме ги бранува домашната и светската јавност. Во најновата анализа угледниот „Њујорк тајмс“ наведува дека поделениот мал остров Кипар во источниот дел од Средоземно Море е домаќин на најмногу бегалци по жител во Европската Унија, но истовремено ова е и појдовната точка на новата бегалска маршрута преку која тие ќе се обидуваат да пристигнат до западот на Европа токму преку Балканот. Покрај тоа што на Кипар има зголемен број апликации за азил во Унијата од почетокот на годинава, истовремено е и местото од каде ќе се формира новата бегалска маршрута преку која мигрантите, претежно од Блискиот Исток и Централна Азија, ќе се обидуваат да пристигнат до западот на Европа преку балканските земји. Откако Брисел постигна договор со Турција за да ги спречи барателите на азил, но и бегалците да стигнат до Грција уште во 2015 година, Кипар се покажа како вознемирувачка дупка за мигрантите, која деновиве е преполна и се очекува да прелее во секој момент.

Во тој контекст, но и имајќи го на ум фактот дека од почетокот на годината според повеќе западни медиуми рапидно расте бројот на илегални гранични премини на т.н. балканска маршрута, побаравме став од Министерството за внатрешни работи каква е состојбата на терен, но и какви мерки се преземаат во однос на најавите од нов зголемен мигрантски прилив во должина на т.н. западнобалканска маршрута. Од ресорното министерство посочуваат дека македонската полиција ја следи ситуацијата на македонско-грчката граница и во моментот, иако ситуацијата е под контрола, сепак полицијата спроведува зајакнати мерки на своите државни граници, слично како и другите држави во регионот по должината на западнобалканската маршрута.
Од МВР издвојуваат дека од почетокот на годинава имаме зголемени обиди за илегален влез во земјава во споредба со лани, што не е карактеристично за овој период од годината.

– Бројот на спречени обиди за илегално минување во првите две недели на 2020 година е зголемен во однос на истиот период од минатата, 2019 година. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, од почетокот на оваа година се спречени вкупно 996 обиди за илегален влез во земјава, од кои 773 се на јужната граница со Грција. За потсетување, во првите девет месеци на 2019 година се спречени 18.488 обиди за илегално минување, од кои 16.735 се на јужната граница – велат од МВР.

Од полицијата во исто време информираат дека на границата кон Р Грција и понатаму се реализира заедничката меѓународна операција, која започна во декември 2015 година и во која учествуваат странски полициски службеници од осум европски земји, од кои седум се членки на ЕУ (Австрија, Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Словенија, Хрватска и Србија).

– Зајакнати мерки, покрај македонската полиција, на своите државни граници преземаат и другите држави во регионот и по должината на т.н. западнобалканска маршрута. За тековните состојби и позначајните преземени мерки надлежните органи на државите и надлежните европски агенции меѓусебно редовно се информираат преку воспоставените канали за размена на информации и се планираат заеднички активности на полето на справувањето со илегалната миграција – велат од МВР за „Нова Македонија“.

Коментирајќи ги мигрантските размрдувања во регионот, безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски како загрижувачки ги оценува сите овие информации и смета дека е очигледно оти на глобалната сцена повторно се работи нешто со мигрантите и бегалците. Тој предупредува надлежните во земјава, во соработка со меѓународните партнери и припадници на Фронтекс, кои веќе се присутни во Македонија, подготвено да реагираат, на истиот начин како што земјата реагираше во 2015-та, во екот на бегалската и мигрантска криза.

– Земјава мора да постапува како сите други европски земји што се соочуваат со овие закани. Во целост треба да бидеме внимателни по овие најави, во кои се споменуваат и нови мигрантски маршрути, бидејќи сме сведоци дека во минатото, кога беше актуелна мигрантската криза, проблемот за релативно кратко време се прелеваше од една во друга земја,. Во таа насока херметичкото затворање на границите и следењето на политиката на соседите ќе бидат клучни во справување со последната ситуација во целост – вели Стефановски.


Инцидент и пукотници на српско-унгарскиот премин Хоргош-Реске 2

Поголема група мигранти во текот на изминатиот ден ја пробила оградата кај српско-унгарскиот премин Хоргош-Реске 2. Како што пренесоа српските медиуми, унгарските гранични полицајци при инцидентот пукале со предупредувачки истрели. Според унгарската полиција, две групи мигранти се обиделе илегално да влезат на територијата на Унгарија, во близината на граничниот премин Хоргош 2-Реске утрината околу 5.30 часот, при што дошло до зголемени тензии во кои унгарската полиција била принудена да интервенира и со огнено оружје.