На детска клиника има над 80 отсто успешно лекување на детските малигноми, информираат од Министерството за здравство на Меѓународниот ден посветен на децата кои се борат со канцер. Од таму додаваат дека единствената специјализирана педијатриска болница во земјава каде се дијагностицираат и лекуваат деца со малигна болест на возраст до 14 години е Одделот за хематологија и онкологија при Клиниката за детски болести.
– Оваа установа ја има потребната експертиза, каде се применуваат современи терапевтски протоколи во согласност со препораките на Интернационалната педијатриска асоцијација. Од почетокот на пандемијата од ковид-19 досега, вкупно 15 деца заѕвонеле на ѕвончето на хемато-онколошкото одделение, ритуал кој секое излекувано детенце со неговите родители го прават при напуштање на Клиниката – велат од Министерството за здравство.
Додаваат, дека и во услови на коронавирус, во континуитет е обезбедена терапија и ниту една не е одложена.
– Одобрени се европските и светски протоколи за тестирање на децата за ковид пред секое отпочнување на хемо-терапија за да може терапијата да тече безбедно. Во установата се применуваат сите мерки за заштита од овој вирус препорачани од Комисијата за заразни болести – соопштуваат од ресорното министерство.