Со комеморативна академија во МАНУ денеска во Скопје беше одбележан 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
На комеморативната академија, по едноминутното молчење, обраќање имаа премиерот Оливер Спасовски, претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, претседателката на Еврејската заедница во Македонија Берта Романо-Николиќ и амбасадорите на Шведска и на Полска, Кристин Форсгрен Бенгстон и Војчек Тучински.
По свечената академија беше отворена изложба на плакати изработени од студенти по графички дизајн на тема „Сеќавање на холокаустот – никогаш повторно” Изложбата ја отвори британската амбасадорка Рејчел Галовеј и на најдобрите 5 им ги врачи наградите.
Aмбасадорите Полска, Обединетото Кралство и на Шведска, заедно со Јован Теговски, национален координатор во Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот, ја поддржаа меѓународната кампања „ние се сеќаваме“ во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
Генералното собрание на Обединетите Нации во 2005 година одлучи да им се оддава почит на жртвите на холокаустот на 27 јануари, датумот кога престана да функционира нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц. Во резолуцијата на Светската организација со која се прогласува 27 јануари за Меѓународен ден на холокаустот, се повикува на почит и спомен на жртвите на холокаустот и на изработка и реализација на образовни програми со цел ваквите настани од историјата никогаш да не се повторат.