Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите реагираат до Министерството за економија да ги поништи тендерите за медиумска кампања.
Министерството за економија објави огласи за јавни набавки, со кои бара фирма за изработка на медиумска и комуникациска стратегија и за посредување закуп на медиумскиот простор. Според описот на јавната набавка, целта е да се склучи договор со приватна фирма за сума од речиси 200.000 евра, која потоа ќе ги изработи овие стратегии и ќе им плати на онлаjн-медиуми за кампања за промоција.
– Партнерските организации ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ потсетуваат дека праксата за закуп на медиумски простор е забранета и во спротивност со заклучокот на Владата од 24. седница од 22.8.2017, a во согласност со мерката 6.1.2. од планот 3-6-9, која се однесува на стопирање со владините реклами. Со овој заклучок се обврзуваат државните органи да престанат да емитуваат/рекламираат кампањи/спотови на платен простор во електронски комерцијални радиодифузери – телевизии и радија, дневни и неделни весници, билборди, интернет-портали и сл. (со исклучок на социјалните медиуми) – се наведува во реакцијата.