Нова ера и нови можности во односите меѓу двете земји, посета со историско значење, средба во позитивна, срдечна и пријателска клима, почеток на нови стратегиски односи, се најчестите коментари во грчките, но и во светските медиуми по завчерашната посета на премиерот на Грција Алексис Ципрас на земјава и неговата средба со македонскиот премиер Зоран Заев. Акцентот е ставен на најавената економска соработка, потпишаните спогодби, самосликот, активностите на сопругите на двајцата премиери.
Би-би-си во своја анализа за историјата на спорот за името, го објави и самосликот на двајцата премиери, кои според британскиот медиум, настојувале да ги импресионираат претставниците на светските новински куќи.
– Среќни моменти за уште посреќна иднина за народите на нашите пријателски земји – објави Би-би-си.
Детално и опширно се известуваше и за првата заедничка седница на Високиот совет за соработка меѓу двете земји и за потпишаните договори на бизнис-форумот, но и за сето она што беше надвор од протоколот.