Фото: Маја Јаневска-Илиева/ илустрација

ДРЖАВНА МАТУРА

Од утре (сабота) матурантите во Македонија ќе полагаат екстерни испити што се дел од државната матура, која е услов за упис на факултет.

Во Државниот испитен центар информираат дека испитите во јунската испитна сесија, оваа година, ќе се реализираат во следниве термини – утре се полага странски јазик (англиски, француски, германски или руски јазик), на 8 јуни ќе се полага мајчин јазик, на 11 јуни – хемија, физика, биологија, историја, филозофија, социологија, естетика или бизнис. На 13 јуни ќе се полага математика, а во периодот од 17 до 28 јуни ќе се полагаат интерните испити. Секој матурант имаше обврска да сработи и проектна задача, која исто така е составен дел од овој голем завршен испит.

Во текот на изминатиот период, во училиштата се одржуваше дополнителна настава за да се разјаснат сите нејаснотии што ги имаат учениците за материјалот. Професорите работеа со нив и ги подготвуваа за испитот.

Новина годинава е тоа што есејот, кој е дел од предметот мајчин јазик, ќе биде на слободна тема, а не како до минатата година кога таа беше зададена од конкретен литературен правец.

Иако во минатото имаше најави дека државната матура ќе се полага на компјутери наместо на хартија, сепак тоа нема да се случи, со оглед на фактот дека компјутерската опрема во училиштата е испокрадена или е оштетена и не е во функција, а нема најави од одговорните во Министерството за образование и наука дека ќе набавуваат нова.

Секоја година, просечната оцена на ниво на држава е 3. Учениците традиционално покажуваат подобри резултати по предметот англиски јазик, наместо по мајчин јазик. Иако досега многупати беше најавувано дека ќе се прават анализи зошто е тоа така, досега немало анализа и конкретни чекори за надминување на таквата состојба од надлежните институции.