Министерот за правда Бојан Маричиќ се обрати во двете работни сесии на средбата на министри, која се одржа во рамки на министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан, во Брдо – Крањ, од каде испрати порака дека проширувањето на ЕУ треба повторно да биде ставено во фокусот.
– На овогодишниот декемвриски самит на Советот, се надевам на отпочнување на процесот на проширување, со донесување консензуална одлука за отворање на пристапните преговори и одржување на Првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија – кажа Маричиќ по споделувањето на се она што е реализирано во рамки на Стратегијата за реформа на правосудството пред колегите од Западен Балкан и претставниците на ЕУ меѓу кои и еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс.
Набројувајќи ги сите усвоени клучни стратешки документи за понатамошно подобрување на работата на судиите/обвинителите како и обезбедување на нивната независност од потенцијалниот надворешен и внатрешен притисок, министерот за правда најави дека веќе е во процес на изработка нова стратегија, за периодот 2023-2027 година.
Во делот на владеењето на правото и реформите кои се однесуваат на процесот на создавање независен, непристрасен и ефикасен судски систем кој ги исполнува европските стандарди, министерот за правда Маричиќ се задржа на важната улога на Академијата за судии и јавни обвинители во процесот на спроведување на почетната обука и континуираното професионално усовршување на судиите и обвинителите во Република Северна Македонија.
Во фокусот се најде и дигитализацијата на судството за која тој рече дека е повеќе од потребна во борбата против корупцијата.
На крајот, министерот за правда испрати порака дека направивме позитивни промени во правосудството во духот на европските вредности и дека очекува ЕУ партнерите да го наградат тоа давајќи им на Северна Македонија и Албанија датум за отпочнување на преговорите.