Наша заложба е рестриктивните мерки да бидат минимални и само кога е тоа нужно за заштита на здравјето, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ за време на Седмиот регионален форум за владеење на правото во Југоисточна Европа на тема „Ковид-19 и правата заштитени со Европската конвенција за човекови права“.
– Соочени со “непознатото”, коронавирусот ја наметна потребата од тоа да во голем број на држави се воведат рестриктивни мерки, кои пред се однесуваат и ги засегаат човековите права. Повторно, Северна Македонија не беше исклучок и во период на техничка влада, се соочивме со една од најсмелите одлуки, а тоа беше да прогласиме вонредна состојба за справување со последиците од пандемијата: здравствени и економски – истакна Маричиќ.
Како една од најтешките одлуки на претходната Влада, Маричиќ истакна дека било прогласувањето на вонредната состојба и дерогација на човековите права утврдени во Уставот и Европската конвенција за човековите права и воведувањето на рестриктивните мерки.
– Главниот предизвик во целиот свет во справувањето со оваа пандемија е во заштитата на човековото здравје, која често подразбира и воведување на рестриктивни мерки. Наша заложба е рестриктивните мерки да бидат минимални и само кога е тоа нужно за заштита на јавното здравје. Колку повеќе се придржуваме до мерките и препораките кои се досега дадени, толку побрзо ќе ја пребродиме оваа криза. Заедно со останатите држави и Северна Македонија прави максимални напори да го заштити јавното здравје и да балансира помеѓу рестриктивните мерки и економско-социјалните последици. Сепак, водилка во одлуките за заштита на човековото здравје и одлуките за справувањето со пандемијата треба да биде светото тројство: владеењето на правото, демократијата и човековите права – потенцираше Маричиќ.