Новиот закон за висока раководна служба за чија нацрт верзија денеска почна јавна расправа треба да го разграничи политичкото именување и професионалната раководна служба, ќе се применува за актуелните функционери – директори и државни секретари, со определа динамика, а неговата имплементација во првата година ќе чини 200 милиони денари.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски истакна дека предложениот начин на избор преку комисија за висока раководна служба, слично на изборот на членовите на Антикорупциската комисија, обезбедува учество и на политичките партии, граѓанскиот сектор, експертската јавност и на целата јавност.
Според Манчевски, законот ќе биде болен само за политичарите, а Владата е цврсто решена да ги спроведе реформите во јавниот сектор и администрацијата без оглед на цената. Се обезбедува, посочи, баланс при изборот на професионални и компетенетни кадри кои од друга страна ќе се обврзаат дека ќе ја спроведуваат политиката на одредена влада во областа во која ќе делуваат.
– Да не негуваме илузии дека од она што претходно беше злоупотребен систем, каде што се беше политизирано, сега целосно треба да ја оттргнеме политиката од високата раководна служба. Раководителите на институциите мора да ја спроведуваат програмата на одредена влада која е на власт и тоа треба да биде еден од основните постулати за нивно функционирање, инаку ја губиме смислата зошто да одиме на избори, зошто да се избира влада и пратеници – рече Манчевски.
Тој појасни дека високите раководители ќе мора да покажат одговорност и, како што нагласи, не може да бидат оставени заштитени и да не може да ги смени никој. Ако нема резултати во нивното работење Владата ќе дава мислење, а крајниот збор ќе го има комисијата за висока раководна служба.
– Овој закон за разлика од претходно кога се правеа поболни реформи за политичарите секогаш се оставаше за следната влада. Ние ова ќе го примениме на нашите именувани функционери од оваа Влада. Не очекувајте дека тоа ќе се случи веднаш бидејќи се работи за стотици, предвидена е динамика која ќе ја дебатираме, имавме предлог по шест месеци да почнат во централната власт, а потоа да се префрлиме во локалната власт – појасни министерот Манчевски.
Комисијата за висока раководна служба ќе биде составена од пет члена со шестгодишен мандат, без право на повторен избор. Нивниот избор, како што информираше државниот секретар, Јахи Јахија, ќе се врши во фер и транспарентна постапка, преку јавен оглас. Потенцијалните членови, меѓу останото, не треба да бидат подложени на каков било политички или друг притисок, да имаат најмалку 15 години работно искуство на општествено одговорни работни позиции, а во последните четири години да не биле членови на Влада, пратеници и градоначалници, донатори на политичка партија и да не вршеле функција во партиски органи. Во републичкото Собрание, пак, ќе се формира комисија за избор на членови на комисијата за висока раководна служба, која ќе ја сочинуваат седум члена: по еден од стопанските комори, Интеруниверзитетската конференција и ЗЕЛС, двајца пратеници од владејачки партии и двајца пратеници од двете најголеми опозициски партии. Таа ќе врши селекција на кандидатите и нивно јавно сослушување. Откако ќе биде избрана, комисијата за висока раководна служба, ќе формира одбори за селекција на високи раководители, ќе раководи со постапките за селекција на високите раководители, ќе носи акциски план за промоција на соодветна и правична застапеност и родова еднаквост…
Учесниците на јавната расправа оценија дека со законот се прави голем исчекор во професионализација и департизација на јавната администрација.
Неда Малеска од Центарот за управување со промени смета дека законот е еден од клучните чекори за враќање на довербата на граѓаните во институциите. Предложениот начин на избор е преку отворена и конкурентна постапка и ќе се превенира именувањето некомпетентни кадри. Конечно, како што рече, законот создава обврска, не само службениците туку и раковдителите да бидат оценувани од Владата во остварување на резултатите.
– Досега целиот процес на следење на учиникот се темелеше на оценка на административните службеници, а никогаш не се бараше одговорност од раководителите на институциите и за мене ова е силна политичка порака дека конечно клучните раководители и директорите ќе бидат предмет на засилено следење од страна на надлежните министерства и Владата – рече Малеска.
Како што беше појаснето на расправата, висока раководна служба се високите раководители во институциите кои се непосредно одговорни пред политички избраните или именуваните лица и се врската помеѓу политичкото и административното ниво во институцијата. Одредбите на овој закон нема да се применуваат во судството, Јавното обвинителство, институциите кои произлегуваат директно од Уставот, институциите од областа на безбедноста, одбраната, разузнавањето и Армијата на Република Северна Македонија, дипломатијата, како и во институциите кои се основани и одговараат пред Собранието на Република Северна Македонија.
Амбициозниот план на ресорното Министерство е по забелешките и предлозите на експертите и граѓанскиот сектор законот да влезе во собраниска процедура на крајот на мај или почетокот на јуни. Неговиот текст треба да опфати одредби од 130 закони со кои сега се регулира изборот на директорите.