Делегација на Македонската академија на науките и уметностите(МАНУ), предводена од претседателот академик Таки Фити, на 10 и 11 мај ќе престојува во Софија, во Бугарската академија на науките(БАН), на заедничко чествување на сесловенските просветители – св. Кирил и Методиј.
Заедничкото чествување на празникот Св. Кирил и Методиј стана традиција и е интегрален дел од Програмата за научна и културна соработка меѓу двете академии.
Во рамки на посетата, на 10 мај, во Институтот за економски истражувања на Бугарската академија на науките, ќе бидат претставени два научноистражувачки проекта реализирани од страна на МАНУ и БАН.
Едниот проект, објавен на македонски и на бугарски јазик, ги третира прашањата поврзани со последиците од европската должничка криза врз интеграциските процеси на двете земји. Другиот проект е кофинансиран од ИПА- програмата на ЕУ и се однесува на градење капацитет за иновативност и конкурентност на претпријатија од Северниот плански регион на Република Македонија и од Ќустендилската област на Република Бугарија. Овој проект е објавен на англиски, на македонски и на бугарски јазик.
Во попладневните часови, во просториите на БАН, еминентниот бугарски писател акад. Антон Дончев ќе го претстави преводот на бугарски јазик на романот „Балканвавилонци“ од акад. Луан Старова.