Компанијата „Макстил“ донираше два апарата за обработка и материјал за изработка на скулптури на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ). Донацијата опфаќа аголна брусилка, апарат за заварување – инвертер и еден тон старо железо, наменети за
потребите на сегашните и идните студенти на студиската насока вајарство, при
изработката на скулптурите и изучувањето на скулпторските техники.
– Се надеваме дека денешната донација ќе помогне во создавање автентичен уметнички израз кај секој од студентите и со тоа ќе придонесеме за нивна натамошна професионална промоција и афирмација. „Макстил“ како посветена општествено одговорна компанија го поддржува образовното и интелектуалното надградување на младите – вели Иван Бановски, генерален директор на „Макстил“.
Деканот на ФЛУ, Беди Ибрахим, заедно со уметникот Жарко Башески и дел од студентите ја примија донацијата и му се заблагодарија на директорот на „Макстил“.
– Добивме донација од материјали, алати и машини за изработка на уметнички скулптури. Во името на факултетот сакам да се заблагодарам што на нашето барање за помош многу брзо се одговори. Верувам дека студентите ќе бидат среќни со алатите од донацијата, особено во едно вака тешко време на пандемија. Верувам дека од донираните материјали студентите ќе се послужат веќе во наредниот семестар. Мислам дека донацијата дека треба да биде пример и за другите фирми, колку што можат да помогнат во образовниот систем, во реализација на студиските програми, особено за уметноста. Донацијата, во која има и два тона метал, за ликовните уметници претставува соодветен материјал со кој ќе создадат уметнички дела. Се надевам дека во наредниот период ќе добиеме уште материјали и во иднина ќе имаме соработка и за други проекти – изјави деканот на ФЛУ, Ибрахим.
Во знак на благодарност за добиената донација, ФЛУ на компанијата „Макстил“ и` подари биста.
– Донацијата за нас студентите значи многу. Донацијата ќе ни служи многу, но доколку има и други донации, нам ќе ни се пружи можност да создаваме повеќе скулптури и да креираме повеќе. Секако отпадното железо се троши, но уметничките дела остануваат – вели Озбек Ајваз, студент на ФЛУ.
Студентите по вајарство на Факултетот за ликовни уметности се под менторство на
познатиот скулптор и професор, Жарко Башевски. Едукативниот процес во овој уметнички израз подразбира употреба на железен материјал, но и специфични апарати за нивна обработка. За таа цел, „Макстил“ со Факултетот за ликовни уметности има воспоставено континуирана соработка којашто дополнително се продлабочува со разни активности, како дел од исклучително важната корпоративна вредност на компанијата и значаен општествен придонес. В.Т.