ШТО ПРЕДВИДУВААТ СТАНДАРДИТЕ НА ЕУРОСТАТ ВО ПРЕСРЕТ НА ПОПИСОТ
Зашто според стандардите на Еуростат, секој што повеќе од 12 месеци престојува во друга земја влегува во вкупниот број на населението на таа земја, но не може да биде попишан во земјата од која излегол
Новините во спроведувањето на пописот, што ги најави и директорот на ДЗС, Симовски, односно користењето на комбиниран метод од апликација со податоци од регистрите од повеќе институции и интервју лице в лице на терен, како и можноста за самопопишување на граѓаните што живеат во странство, го подгрева сомневањето во јавноста за можноста од двојно попишување.
– Можноста за двојно попишување е исклучена, поради фактот што пописната апликација т.е. системот автоматски го исфрла секој обид за два пати да се внесат податоци со ист матичен број. Освен тоа, со примената на комбинираниот метод за попис и со користењето на податоците од други државни институции (како МВР) ќе може да се утврди кои од македонските граѓани се повеќе од една година надвор од државата. Зашто според стандардите на Еуростат, секој што повеќе од 12 месеци престојува во друга земја влегува во вкупниот број на населението на таа земја, но не може да биде попишан во земјата од која излегол. На пример, ако некој од Македонска Каменица повеќе од 12 месеци престојува во Италија, влегува во вкупниот број на населението на Италија, но не може да биде попишан и во Македонија. Исто е и со странците кои престојуваат во Македонија. Во таков случај, обидот на секој поединец да се попише во земјата во која не престојува повеќе од 12 месеци, едноставно системот (апликацијата) ќе го отфрли – објаснува Дончо Герасимовски.
Забелешката на Герасимовски во однос на предлог-законот за попис е насочена кон тоа што не е дефинирано тело коешто ќе ги контролира динамиката и намената на трошењето на средствата предвидени за спроведување на пописот. Имено, за пописот се наменети 8,5 милиони евра, а е предвидено резултатите од него да бидат достапни 6 месеци по завршувањето на процесот.