Македонскиот олимписки тим денеска од Меѓународниот аеродром Скопје замина на меѓународната Јуниорска олимпијада по природни науки која ќе се одржи во Доха, Катар, од 3 до 12 декември.
На Јуниорската олимпијада учествуваат повеќе од 400 натпреварувачи од 70 држави во светот. Тие ќе се натпреваруваат индивидуално на два теоретски тестови со прашања и задачи од предметите физика, биологија и хемија, и тимски со практична работа преку изведување по еден експеримент од секоја дисциплина.
Олимпискиот тим е составен од шест ученици кои ќе ја преставуваат Македонија на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки, а како покровители беа Агенцијата за млади и спорт и градоначалниците од градовите од каде што се македонските репрезенти.
Олимпискиот тим го сочинуваат учениците Матеј Гелев, Емилија Николовска, Мајкл Георгиевски, Никола Спировски, Теона Кировска и Стефан Дрмач. Истите ќе бидат под менторство на професорите од ПМФ Боце Митревски, Марина Стојановска и Лозенка Иванова.
За крај, да им посакаме среќа и успех на младите образовни амбасадори со кои треба да се гордее Македонија и да се вратат со многу победнички медали од Катар.