Триесетгодишната Валерија Камчевска-Ќипроска од Штип, која е докторка по оптички комуникации и работи во водечкиот телекомуникациски оператор во скандинавските и балтичките држави „Телиа компани“, стана добитничка на наградата „херој за едноставност“ за 2018 година. Наградата ја доби за проектот што овозможува подобрување на работењето на неколку системи во компанијата, а кој го заврши пред рокот и со помал буџет од одобрениот.
Во 2017 година, Камчевска-Ќипроска, на Техничкиот универзитет во Копенхаген, Данска, ја одбрани докторската дисертација со висока оценка и стана докторка на науки во областа на оптичките комуникации. Како докторантка што покажа исклучително знаење и трудољубивост беше задржана на работа на факултетот. Но тоа траеше кратко време, додека на Камчевска не ѝ се исполни желбата да се вработи во телекомуникациски оператор. Таа конкурираше на конкурсот на „Телиа компани“ од Шведска и веднаш беше примена.
– Втора година сум на работа во телекомуникацискиот оператор „Телиа“ и сум презадоволна од неверојатните можности и атрактивните услови што ги имам за натамошно развивање и усовршување на професионален план. Уживам во мојата работа во телекомуникацискиот оператор и настојувам да се надградувам со знаења во мојата професионална определба. Во последната година од додипломските студии, решив да изградам иднина надвор од Македонија, таму го фокусирав вниманието и почнав да ги исполнувам желбата и целта, за што сум посебна горда – ни вели скромната и трудољубива Валерија.
Со креативноста, со ангажираноста, со знаењето што го поседува и со трудољубивоста се истакнува во работата, која не остана незабележана. Колегите ја номинираа за наградата за која беа номинирани 75 кандидатки и на Валерија Камчевска-Ќипроска ѝ беше доделено високото признание во категоријата „херој за едноставност“ за 2018 година, на ниво на компанијата.
– Животот во Копенхаген е многу едноставен. Многу работи функционираат како што треба и има малку простор за грижа во однос на основните индивидуални потреби. Професионално, секој вложен труд и знаење се ценат и се наградуваат, што е посебен мотив за унапредување. Во кариерата лесно се напредува бидејќи условите за работа се максимални, како и грижата на работодавецот кон работниците – објаснува таа.
Генерално, компаниите во Данска се на страната на вработените и доста е лесно да бидеш унапреден ако изразиш интерес за поголема одговорност, со задоволство ни говореше Валерија,
Инаку, Валерија ги заврши додипломските студии на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, насока телекомуникации на Факултетот за електротехника и информациски технологии во 2011 година. Истата година добива стипендија од Европската комисија за постдипломски студии. Една година како дел од постдипломските студии минува во Пиза, Италија, потоа по еден семестар студира на универзитетот „Астон“ во Бирмингем, Велика Британија, и на Техничкиот универзитет во Берлин, Германија. По завршувањето на постдипломските студии ги започнува докторските студии во областа на оптичките комуникации на Техничкиот универзитет во Копенхаген, Данска, и во 2017 година докторира.