ПОРАЗИТЕЛНИ ДЕМОГРАФСКИ ДВИЖЕЊА
Македонија ќе има драстично помалку население. Од 1994 до 2019 година, кога и официјално се случи негативен природен прираст, секоја година опаѓа бројот на новородени, а расте бројот на починати лица
Македонија, освен што има сѐ помалку население, станува држава на стари луѓе. Статистиката покажува опасен тренд, според кој за 25 до 50 години, поради негативниот природен прираст, земјата ќе има драстично помалку луѓе, а најголем процент од нив ќе бидат стари лица. Ако се земе предвид и трендот на иселување, за три до пет децении од сега, државата лесно може да се претвори во старски дом
Како старее македонската нација?
Последните 25 години бројот на новородени деца паднал за 11.576, или тоа значи дека во 2019-та се родиле 11.576 деца помалку, отколку што биле родени во 1994 година. Во 2019 година се родиле 19.845 деца, а во 1994 година се родиле 31.421 дете.
Од друга страна, за 25 години бројот на починати се зголемил за 4.797 лица, односно во годината кога Македонија влезе во негативниот природен прираст починале 4.797 лица повеќе отколку што починале во 1994 година. Во 2019 година починале 20.446 лица, а во 1994 година 15.649 лица.
Статистиката покажува дека со ваков тренд, во следните 25 години Македонија ќе има драстично помалку население.
Од 1994 до 2019 година, кога и официјално се случи негативен природен прираст, секоја година опаѓа бројот на новородени, а расте бројот на починати лица. Разликата е 171.387 луѓе повеќе родени за овие 25 години.
Што значи, населението од 1994 до 2019 година во Македонија реално требало да се зголеми за 171.387 луѓе, или во процент за 8,5 отсто. Тоа е реалниот наталитет во просек за 25 години. Но соодносот во 1994 година и во 2019 година е следен: во 1994 година се родиле 31.421 лице, а починале 15.649, или тогаш природниот прираст бил 50,1 отсто, во 2019 година се родиле 19.845 деца, а починале 20.446, тоа значи дека морталитетот во таа година е 7,3 отсто.
Со ова, Македонија и официјално влезе во фаза на поголем морталитет од наталитет или, како што се нарекува, во негативен природен прираст. Тоа практично значи дека населението во државата со ваков тренд ќе се намалува, наместо да расте, и дека белата чума стигна и во Македонија, една од последните држави во регионот што досега имаа минимален раст на населението.
Над 16 отсто постари од 65 години
Ако продолжи тој тренд, за 25 години во Македонија ќе има околу 200.000 помалку население.
Демографот Дончо Герасимовски вели дека со намалување на бројот на живородени деца, автоматски се зголемува бројот на умрени лица и природниот прираст на државата оди во негатива.
– Сето тоа доведува до стареење на населението. Земјата, според демографските дефиниции, веќе е во длабока демографска старост. Тоа значи дека население што над 12 отсто е постаро од 65 години од вкупното население е во длабока демографска старост. Кај нас тој процент на повозрасно население над 65 години се движи од 16 до 18 отсто – посочува демографот.
Според него, клучен фактор за оваа состојба, покрај намалувањето на наталитетот, е и иселувањето од земјата, што директно влијае на стареењето на населението.
– Се иселува работоспособно население. Тоа значи дека во иднина сѐ повеќе ќе навлегуваме во длабока старост на населението. Според некои процени, за 50 години од сега, се очекува драстично намалување на бројот на македонското население – смета Герасимовски.
Социолозите, пак, сметаат дека треба да се преземат мерки за стимулација на наталитетот, преку разни бенефиции за жената, за да има таа можности и услови за репродукција, наспроти мерките за стимулирање трето и четврто дете, кои не дале плод.