Министерството за здравство информира дека според најновиот извештај на УНИЦЕФ, Македонија е меѓу првите три земји во светот со најголем пад на стапката на мртвородени деца во периодот меѓу 2000 и 2019 година.
Анализата на податоците покажува дека стапката на мртвородени деца во Македонија се намалила од 10,8 мртвородени, на вкупно 1.000 раѓања во 2000 година, на 6,2 во 2009 година и на 4,1 во 2019 година.
Според извештајот на УНИЦЕФ, нашата земја покажува најдобри резултати во Европа, Северна Америка, Австралија и Нов Зеланд.
– Изминатиот период токму во оваа сфера беа реализирани конкретни мерки за подобрување на условите во родилиштата во земјава, подобрување на системите за транспорт и обезбедување пристап и брз трансфер до одделенијата за неонатална интензивна нега во случај на компликации, а воедно е изработен и генерален (мастер) план за перинатална грижа до 2030 година, кој опфаќа планови за натамошно зајакнување на здравствениот систем и обезбедување најсовремени услуги за бремените жени и новороденчињата – соопштија од МЗ.
Исто така, велат од таму, реализирани се бројни инвестиции за зајакнување на капацитетите со нова медицинска опрема и набавка на инкубатори за интензивната нега.
– За унапредување на перинаталната грижа придонесе и активното функционирање на Комитетот за безбедно мајчинство во рамки на Министерството за здравство, под раководство на д-р Ана Данева-Маркова, кој го сочинуваат врвни експерти со долгогодишно искуство во областа на гинекологијата, акушерството, неонатологијата, педијатријата и сродни дисциплини, со цел координиран пристап во унапредување на здравјето на мајките и децата – соопштија од Министерството за здравство.