Македонија денеска го започнува подготвителниот скрининг за Поглавјето 24 насловен „Правда, слобода и безбедност“.
Македонската делегација во Брисел ја предводи вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во својство на главен преговарач и шеф на државната делегација за преговори со ЕУ.
Како што информираат од кабинетот на вицепремиерот, за време на посетата, Османи ќе одржи и неформален брифинг со претставници на Работната група при Советот на ЕУ за Западен Балкан (КОВЕБ), каде ќе биде претставен и Планот 18, а ќе оствари и работна седба со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан
Состанокот ќе трае три дена, за време на кои експертските тимови ќе ги чешлаат седумдесетте страници од европското законодавство (acquis communautaire/аки) посветен на овие теми. Дипломатски извори за МИА објаснуваат дека станува збор за обемна област, во која се дискутираат низа различни теми, како азил, миграција, и низа граѓански и кривични материи.
-Техничкото објаснување на аки-то за поглавјето 24 ќе се одржи од 12 до 14 ноември во Брисел за да ги запознае земјите со законодавството и стандардите на ЕУ во овие области – изјави за МИА портпаролката Маја Коцијанчич.
Таа потсетува дека Европската Комисија ја започна потребна подготвителна работа и “ќе продолжи да ја поддржува Поранешната југословенска република Македонија во нејзините напори да постигне опипливи и одржливи резултати посебно во борбата против корупцијата и организираниот криминал, области кои имаат важен импакт врз животите на граѓаните“, рече Коцијанчич.
До крајот на оваа година треба да се одржат ушти три скрининг состаноци за поглавјата 3 (слобода на услуги), 5 (јавни набавки) и 32 (финансиска контрола).