Со впишувањето на Охридско Езеро и Студенчишко Блато во Светска Рамсар листа, нашата држава, по Преспанското и Дојранското Езеро го доби третото и најголемо водно живеалиште од меѓународно значење, заведено под бр.2449. Подрачјето е прифатено согласно сите 9 критериуми на Рамсарска Конвенција и е со вкупна површина од 25 205 хектари. Со него ќе се управува од страна на трите општини: Охрид, Струга и Дебарца, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Впишувањето на Охридско Езеро и Студенчишко Блато на Светска Рамсарската листа значи меѓународно признавање и препознавање на специфичниот и богатиот биодиверзитет и ендемичните и ретки видови како и присуство на голем број на живеалишта и видови од национално и ЕУ значење на ова подрачје. Од друга страна, тоа води кон негово помудро и поодговорно управување, подобрување на еколошкиот карактер на подрачјето и заштита на видовите и живеалиштата, поттикнување на научно истражувачки дејности и меѓународна соработка, што секако ќе го зголеми публицитетот и вреднувањето на подрачјето, ќе ја зголеми понудата за еко туризмот во регионот, а со тоа ќе се отвораат и поголеми можности за социо-економски развој и за финансирање – велат од ова министерство.
Нашата држава ја ратификуваше Рамсарската Конвенција за водни или блатни живеалишта од меѓународна важност во 1991 година, објаснуваат од министерството.