Кога во октомври 1981 година, на тогашниот министер за образование Анатолиј Дамјановски, средовечниот ликовен педагог, кој работеше како учител по ликовно воспитување во ОУ „Кирил и Методиј“, Коста Хаџиантоновски му ја презентира својата идеја во Битола да отвори детско ликовно студио, во кое ќе творат најталентираните битолски млади ликовни уметници. Министерот ја прифати идејата и имаше само еден услов, а тој беше детското ликовно студио да го носи името на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
Така, пред точно 37 години, во Битола беше формирано детското ликовно студио „Кирил и Методиј“ во кое членуваа најталентираните деца од основните училишта во Битола, кои ја сакаа ликовната уметност, а кои претходно во изминатите години заедно со Хаџиантоновски имаа освоено над 2.000 награди и признанија.
Тогаш во далечната 1981 година се оствари детскиот сон на Коста Хаџиантоновски да работи со талентирани деца по ликовна уметност.
Една година подоцна се оствари вториот сон на Коста Хаџиантоновски. По договорот со ликовните уметници и педагози во Загреб, каде што детското ликовно студио учествуваше на детската ликовна колонија на списанието за деца, „Модра Ласта“ беше договорено во Битола да се формира ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ на која ќе учествуваат најдобрите млади ликовни уметници од просторите на поранешна Југославија.
Веќе на 24 мај 1982 година, во Битола на првата ликовна колонија допатуваа ученици од сите поранешни југословенски републики, кои учествуваа на колонијата и кои секоја година доаѓаа дури и по распаѓањето на Југославија.
Денес 37 години подоцна, токму на денот кога Македонија го слави 24 Мај, Денот на сесловенските просветители се оствари третиот сон на Коста Хаџиантоновски. Тој во Битола на 24 мај ги собра најдобрите млади ликовни уметници од целиот свет, кои учествуваат на годинашната ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.
Деновиве во Битола на колонијата учествуваат над 80 млади ликовни уметници речиси од целиот свет. Ги има од Кина, Индонезија, Русија, Индија, Србија, Чехословачка, Полска, Турција…
За разлика од првата колонија, кога Коста Хаџиантоновски ги пречекуваше учесниците на колонијата на железничката станица во Битола, кои доаѓаа со возот „Братство единство“, деновиве чичко Коста, како што го викаат младите ликовни уметници, поради здравствени причини, а и поради годините што му натежнале, учесниците на колонијата, наместо на железничката станица ги пречека во детското ликовно студио, во Старата битолска чаршија.
Иако има 83 години тој вели дека се чувствува како дете.
Дента кога ги пречекува учесниците на колонијата што доаѓаат од целиот свет е најсреќниот ден во неговиот живот.
Многу деца, кои со години учествуваат на колонијата, го сакаат него како да им е татко.
– Иако деновиве навршив 83 години јас останав дете. Мене децата што учествуваат на колонијата ме направија вечно да бидам и останам дете. Иако најголемиот број од нив веќе пораснаа, а некои станаа родители и познати академски сликари и професори, јас сепак останав дете. Својот живот почнав да го живеам со мојот детски сон. И сега кога остарев, живеам со детските соништа. Јас кога како мало дете во дубалка шетав низ собата во куќата каде што живеев на Широк сокак сонував да растам со децата. И сега кога со дубалка поради староста и здравствени причини се движам во детското ликовно студио, покрај децата се чувствувам како да сум дете – вели Коста Хаџиантоновски.
Деновиве Битола, Градот на Конзулите, за време на овие празнични денови личи на отворено ликовно студио. На речиси сите сокаци низ Старата битолска чаршија, уличките на Широк сокак, млади и талентирани млади ликовни уметници од целиот свет ја сликаат старата битолска архитектура. Со своите четки, бои, пастели или тушеви, тие ја оживуваат старата битолска архитектура, која полека пропаѓа и исчезнува од битолската калдрма.
Во детското ликовно студио, кое е отворено буквално 24 часа постојано пристигнуваат занаетчии, битолчани, љубители на ликовната уметност, туристи од земјата и од странство, кои ја разгледуваат светската ликовна изложба на детските цртежи.
Според Коста Хаџиантоновски, детското ликовно студио располага со над 650.000 цртежи, кои се насликани во изминатите 37 години. Од нив дури 50.000 се жирирани од меѓународно стручно жири и врамени, па, така, во секое време студиото може да организира изложба со најмалку 50.000 цртежи.
„Малиот битолски Монмартр“ во 1995 година со изложба од 11.000 цртежи постигна Гинисов рекорд по број на изложени ликовни творби.
Но фондот на уметнички дела со кои располага студиото сега е толку голем и богат што, како што вели Коста, може да го покрие со цртежи целиот пат во должина од Битола до Лерин.
Поради огромниот број цртежи, Коста Хаџиантоновски деновиве од локалната самоуправа побара во Битола да се обезбеди простор каде што би се чувале цртежите со кои располага студиото, бидејќи галеријата во Старата битолска чаршија веќе не ги собира.
Така, можно е во најскоро време доколку Заводот и музеј и општината Битола најдат заеднички јазик, се разбира со поддршка на Министерството за култура, еден огромен простор во Заводот и музеј да биде (пре)наменет за постојана изложба на Светската изложба на „Малиот битолски Монмартр“.
Сега, кога со организацијата на 37-та ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ се остварија сите детски соништа на Коста Хаџиантоновски тој има само уште една желба. А таа е да остане и натаму дете.
– Јас, иако сега имам 83 години покрај децата бев и останав дете. А сакам и како дете да го завршам мојот живот.
Животот им го посветив на децата, децата од целиот мој свет, тие се мои деца и ме направија да останам дете, па затоа сега сакам и како дете да останам до крајот на мојот живот.
Тие моменти, кога децата од цел свет доаѓаат во Битола да сликаат не се забораваат. Тие се најсреќни моменти во мојот живот. Моментите кога ме прегрнуваат децата од Индија, Кина, Русија, Турција, Белград се најсреќните момент во мојот живот.
Но иако го зголемивме бројот на деновите кога се одржува колонијата, тие денови брзо си одат, па денот кога се разделувам од нив, ми е најтешкиот ден во мојот живот. Некои разделби, кои се случуваа на железничката станица во Битола, уште во времето на колонијата од осумдесеттите години, не се забораваат. А не се забораваат ни сега, кога морам да се разделам од сегашните учесници на колонијата. Но секогаш тагата, која тогаш се јавува, ја лекувам со сознанието дека доаѓа следниот мај, кога тие повторно ќе допатуваат во Битола. Дотогаш времето го поминувам со нивните ликовни творби и сеќавањата на дружењето со нив, со мислите дека во изминатите над три децении од детското ликовно студио „Кирил Методиј“ во Битола произлегле над 25 академски сликари, а од тие што учествувале на колонијата во светот денес има над 50 академски сликари – вели Коста Хаџиантоновски, човекот што Битола сите овие години ја претвори во светски центар на детската ликовна уметност и најпозната светска галерија на детски цртежи.