Светски познатиот духовен учител од битолското село Српци е можеби единствениот Македонец досега што имал и сѐ уште има толку големо влијание меѓу илјадници луѓе од сите континенти и толку голем број приврзаници во целиот свет, а неговото учење продолжува да се шири и по неговата смрт…
Пишува: Блаже Миневски
Во Бонфен, Франција, пред триесет и четири години, во 1986 година, почина големиот маг, мистик и астролог, водечкиот учител на западната езотерија во 20 век, основач на Универзалното бело братство, Михаел Ајванхов. Големиот светски познат алхемичар Ајванхов е роден на 31 јануари 1900 година во битолското село Српци, каде што во црковната книга е запишан како Михаил Иванов, син на Иван и Доља Димитрови.
Во Српци денес живеат околу 65 жители, а никој од нив не знае кој е Михаел Ајванхов, иако, според некои процени, во светот денес има десетици илјади негови следбеници, а неговите книги и брошури се издаваат, или се издадени, во милионски тиражи на многу јазици, освен на македонски. Во неговата биографија стои дека бил ученик на универзалниот духовен учител, Бугаринот Петар Данов, кого го запознал по Балканските војни, кога семејството морало да замине од родното село Српци, Битолско, во Бугарија, односно во Варна. Неговиот татко Иван Димитров, кој умрел две години по преселувањето во Бугарија, бил трговец, а неговата мајка Доља домаќинка, религиозна жена, која својот син го посветила на Бога од најраното детство. Како ситен трговец, Иван Димитров често отсуствувал од куќата, па Михаил и неговите браќа ги одгледала мајка им со помош на свекрвата, која била бабица и исцелителка, позната во Битолско и пошироко. Токму со неа малиот Михаел имал многу близок духовен однос.
Ајванхов одржал над 5.000 предавања во светот!
Кога семејството се преселило од Македонија, од Српци, во Бугарија, во Варна, Михаил имал 17 години, а во градот веќе дејствувал познатиот духовник Петар Данов, кој проповедал сеопшто, универзално бело братство. Младиот Михаил почнал да ги посетува неговите сеанси, но сепак негова најголема желба во тоа време била да стане музичар. Бидејќи бескрајно ја сакал музиката, неговиот учител му подарил виолина. По студиите во Софија, Михаил станал професор на колеџ, а во 1934 година и директор. Во меѓувреме продолжил да го следи учењето на Данов, преполно со длабоко духовно искуство и значајни истражувања. Во 1937 година Данов му ја доверил мисијата да го шири учењето за белото братство во Франција, и оттогаш, во следните 49 години, до смртта, момчето од битолското село Српци, како еден од водечките учители на западната езотерија во 20 век во светот, го развивал и збогатувал значењето на Универзалното бело братство, одржувајќи над 5.000 предавања. Притоа Ајванхов дејствувал главно во Франција, а спиритуален центар, освен во Бонфен, Франција, основал и во Изгрев, Бугарија, но истовремено патувал и по целиот свет, во Швајцарија, во Канаду, САД, Британија и во Скандинавија. Во неговиот опус, освен оние 5.000 предавања, влегуваат и 44 книги, џебни изданија, но и 32 собрани предавања, кои биле снимани на аудио и видеоленти. Во библиотеката „Св. Климент Охридски“ во Скопје има шест негови книги на бугарски и на руски јазик, но, за жал, ниту една на француски, на јазикот на кој најчесто ги држел предавањата. Во 1959 година Ајванхов ја посетил Индија, каде што се запознал со индискиот маг и мистик Ним Карол Баба, кој му го дал името Омраам, па оттогаш е познат како Омрам Михаел Ајванхов.
Инаку, неговата филозофија учи дека секој, без оглед на која раса, религија и социјален сталеж припаѓа, може да учествува во остварување на новата ера на братство и мир на Земјата. Притоа ваквиот поход мора да се случува низ лична трансформација на личноста, низ нејзиниот раст во совршенство и хармонија со божјиот свет. Што и да се случува, секој мора да се фокусира на што подобро однесување на земјата, сметал Ајванхов. Според учењето на духовникот од Српци, секој човек мора да има висок идеал за да може да постигне подобар живот: „Ако имате висок идеал, како што е, на пример, да се спушти царството божјо на Земјата, вие ќе постигнете сѐ врз принципите на древните космички закони што управуваат со универзумот, но и човекот, со макрокосмосот и микрокосмосот, меѓу кои постојано се одвиваат промени. Затоа природата, како што вели самиот во своите предавања, е многу значајна, па огнот, водата што тече од изворот, шарените нишки, песната на птиците и качувањето по високи дрвја имале посебно значење за него, толкаво што за нив говори како за извор на својата духовност.
Љубовта е етер на сѐ што постои, а природата не е само материја!
Според податоците објавени како придружни текстови на неговите книги, во 1937 година, по доаѓањето во Франција, Михаел Ајванхов брзо научил француски јазик и почнал да предава во Севр, близу Париз. Во следните педесетина години одржал неколку илјади бесплатни јавни предавања и дал мноштво интервјуа, прво во Париз, аУниверзалното бело братство во Бонфен, јужна Франција. Како човек и како учител, совршено владеел со самиот себеси, манифестирајќи божји живот во секој момент, а неговите предавања биле преплетени со мудрост, љубов, виталност, хумор и честитост. До смртта во 1986 година, значи на осумдесет и шестгодишна возраст, стекнал илјадници следбеници низ светот. По неговата смрт, неговото учење е проширено на сите континенти, а неговите предавања се преведени на 32 јазици. Многу негови следбеници секоја година го посетуваат Бонфен за да уживаат во духовниот круг на Ајванхов, но постојат и уште неколку центри на други места на планетата каде што се практикуваат неговите духовни методи. Голем број негови следбеници во светот бездруго би сакале да дојдат и во Српци, да го видат селото, куќата каде што бил роден, црквата во која бил крстен, но за тоа, сепак, треба да се создадат одредени услови. Засега на Википедија, на пример, за селото Српци, во графата за важни личности стои само податокот дека од тоа село се Апостол Дошлаков, револуционер на ВМРО, и Омраам Микаел Ајванхов, односно Михаил Иванов, филозоф и мистик. Светски познатиот духовен учител од битолското село Српци е можеби единствениот Македонец досега што имал и сѐ уште има толку големо влијание меѓу илјадници луѓе од сите континенти и толку голем број приврзаници во целиот свет, а неговото учење продолжува да се шири и по неговата смрт на 25 декември 1986 година во Фрежиј, Франција, каде што е и погребан.
Според списите за Големата бела ложа, Михаел Ајванхов се смета за основач на Универзалното бело братство, односно Големо братство на светлоста, за кое се верува дека е дел од хиерархијата што е вградена во уредување на еволуцијата на нашиот свет. Според списите на братството, како дел од вечната хиерархија на светлоста, се споменуваат Исус, Конфуциј, Гаутама Буда, Марија Магдалена, Хиларион, Архангел Михаил, Енох…, а подоцна на овие имиња, низ литературата и уверувањата на разните гранки следбеници на оваа идеја за Големото братство, се додадени и имињата на Лао Це, Кришна, Тахути, Мојсиј, Волфганг фон Гете, Лудовикус Рекс Бавариј, Рихард Вагнер, Фридрих Ниче, Пол Гоген…
Што е всушност Големото бело братство?
Според верувањата, Големото бело братство им ги дало на човештвото, преку своите избраници, најзначајните книги на мудроста – Енума Елиш, Библијата, Куранот, Риг Ведите, Багавад Гиту, Попол Вух и други. Всушност, Големото бело братство претставува сѐ. Тоа подучува за природата, за човекот, за неговите особини како вистински претставник на божеството, за внатрешниот и надворешниот свет, за врските на човекот со надворешниот свет, за човековата виша природа и на кој начин човекот може да се издигне до спознанието на својата божественост, потсетувајќи се на својата бесмртност, за тоа дека природата не е само материја, за тоа дека постоеле златни времиња, за гревот, за пренесувањето на традицијата низ книги, учители и насочувачи на духовните текови, за светите списи и согледувањето на нивната вистина, за одговорноста што ја има човекот, како и за неговите права, за идејата дека човекот е сам свој спасител, за клучевите на спознанието, за тоа дека човекот е огледало на божјиот лик и чуда, за мракот на личното незнаење, за универзалниот план и помошта за ново раѓање на универзумот, за животот и смртта, за посебниот магнетизам и суптилната љубов што е етер на сѐ што постои, за потеклото на човекот и неговото одредиште во универзумот, за желбите и волјата, за заветот меѓу Бог и Човекот, за слепите и мртвите, за злосторствата и казните, за дејствувањето на бог и дејствувањето на човекот, за вибрациите на светот, за односите на луѓето и поврзаноста со надворешниот и внатрешниот свет и духот, за тоа дека сѐ е едно и дека тоа едно колку што е човек толку е и универзум. Според Братството, универзумот е создаден по космички принципи, а секој човек како микрокосмос се преплетува со макрокосмосот, станувајќи слика и прилика на едното, па затоа секој во себе ги содржи универзалните компоненти и потенцијали на вистинските достигнувања и постигнување на највисоката свесност – Светлоста. Големото бело братство е суштина на човештвото и светлост во ширење. Ете тоа во кратки црти е учењето на Михаил Иванов, односно Михаел Ајванхов, роден во 1900 година во битолското село Српци, чие духовно братство триесет и четири години по неговата смрт, постојано расте, зголемувајќи го бројот на следбеници во целиот свет. Еден ден некои од нив можеби ќе го откријат и Српци, неговото родно село, кое се наоѓа во општината Новаци, на надморска висина од близу 1.000 метри, со околу шеесет жители, сите Македонци, со две цркви „Пресвета Богородица“ и „Свети Ѓорѓи“, но и со населба од римско време, која локалните жители ја нарекуваат Грамадиште. Во родното село на Ајванхов, како и во цела Македонија, многумина одамна имаат сфатено дека „човекот е сам свој спасител“ и дека „природата не е само материја“.