Нема влошување на состојбата од витално живото загрозувачки карактер на некои од повредените во завчерашната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Тетово, кои се сместени во Градската општа болница „8 Септември“ – изјави попладнево директорот на таа јавна здравствена установа Христијан Костов.
Посочи дека двајцата повредени кои во критична состојба се мажи на возраст од 40 до 50 години и имаат повреди на мозокот, интрацеребрални крварења и се под контрола на неврохирург.
– Засега се во стабилна состојба. Како ќе се развива клиничката слика не знаеме, ќе покаже времето. Најмладиот пациент на возраст од 15 години е опериран синоќа и е во добра состојба – истакна д-р Костов.
Потенцира дека од 28 згрижени пациенти во ГОБ „8 Септември“, шест денеска се пуштени на домашно лекување.
– Од другите 22 пациенти пет се во Одделот за интензивно лекување, двајцата кои се во критична состојба се на механичка вентилација, а другите тројца се оперирани и се во добра општа состојба. Кај дел од останатите 17 пациенти кои се по другите оддели се прават допонителни иследувања, а кај некои од нив со скршеници ќе им се направи интервенција. Тројца кои се оперирани на стомачната шуплина се во стабилна општа состојба – рече д-р Костов.
Нагласи дека семејствата на повредените добиваат соодветни информации за нивната состојба и веќе е организирана и посета на повредените од полесен карактер.
– Ги имаме сите крвни деривати. Има луѓе кои доброволно даруваат крв – додаде д-р Костов.
Претходно, министерот за здравство Венко Филипче изјави дека во Клиничкиот центар се лекуваат осум пациенти од кои четворица се на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, по еден пациент има на клиниките за трауматологија, неврохирургија, торакална хирургија, а една бремена жена се лекува на Клиниката за гинекологија и е во добра општа состојба. Додаде дека четворицата пациенти кои се сместени во КАРИЛ се во тешка состојба.