Во организација на Агенцијата на иселеништво денеска во Охрид се одржа првата конференција за заштита на македонското малцинство во Република Хрватска, како и на хрватското малцинство во Република Македонија, врз основа на билатералната спогодба потпишана меѓу двете држави.
Директорот на Агенцијата за иселеништво, Никола Шалваринов во оваа прилика појасни дека средбата е замислена како начин за подобрување на врските меѓу иселениците со нивните матични држави, а секако и за унапредување на соработката на двете малцинства како нишка што придонесува за подобри севкупни односи меѓу двете држави.
– Конференцијата ќе ја искористиме и за да ги мотивираме и едуцираме припадниците на малцинствата, односно Македонците во Хрватска и Хрватите во Македонија, како да аплицираат за фондови за поголем обем на работа, а преку таа нивна заедничка соработка да обезбедат повеќе средства за активности насочени кон зачувување на својот идентитет, истакна Шалваринов.
Тој нагласи дека ваквиот концепт на Агенцијата за иселеништво е во насока на поголема инволвираност на македонското иселеништво во привлекување што повеќе туристи во Македонија.
– Тие живеат таму, постојано и секојдневно комуницираат со граѓаните на Хрватска. Тоа треба да се искористи во насока на нивно инволвирање во привлекувањето што повеќе хрватски туристи во Македонија. Тие најдобро знаат како да го дадат оној прв позитивен впечаток за својата земја. Секој наш иселеник да покани и успее да придобие двајца свои пријатели туристички да ја посетат Македонија, тоа веќе е значајна бројка, рече Шалваринов.
Денешната средба на која можеа да се слушнат излагањата на македонските друштва во Хрватска и хрватската заедница во Македонија, секако претставува можност за нивно вмрежување кога се во прашање заеднички апликации за проекти финансирани европските фондови, особено во услови кога токму дијаспората во европски и светски рамки има значајна улога во развојот на туризмот.
– Се повеќе хрватски туристи ја посетуваат Македонија, нивниот број во првите осум месеци од оваа година е зголемен за 50 проценти, а раст бележи и бројот на македонски туристи во Хрватска. Првите промотори на своите земји се токму иселениците и луѓето на кои матични земји им се Македонија и Хрватска, изјави директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски.
За наредната година планирано е Агенцијата за иселеништво да спроведе поширока регионална конференција со покана за учество на сите македонски друштво во земјите од Балканскиот полуостров, како и друштвата граѓани на тие држави во Република Македонија.