Во втората половина на следната година ќе има поголеми измени во администрацијата со нејзина реорганизација и оптимизација, процес кој би завршил во текот на 2020, со мал дел во 2021 година. За претстојните активности ќе следи серија законски измени, а меѓу останатото ревизија на Законот за организација на органите на државна управа, најави денеска министерот за информатичко општетсво и амдинистрација Дамјан Манчевски.
– Очекуваните придобивки се да се воспостави рамка за институционална организација, ќе се реши проблемот со преклопување на надлежностите на институциите, како и проблемот со институции со еден човек. Ќе имаме јасни критериуми за тоа кои институции од кого можат да бидат основани и која институција пред кого одговара. Да престане админстративниот пинг-понг со граѓаните и фирмите, рече Манчевски на прес-конференција. Тој ги презентираше првичните активности од спроведувањето на хоризонталната функционална анализа во администрацијата по усвоениот Акциски план со конкретни мерки и временска рамка на што пак претходеше мапирање на постојните институции.
Прва направена е анализата на инспекциските служби, чии наоди укажуваат дека во одреден дел постојат преклопувања на надлежностите. Во случаите, пак, кога инспекциските служби се организирани во рамки на министерство или друг орган на управата, инспекторите често вршат и други работи и работни задачи кои не се нивна работа.
Според Манчевски, со претстојните активности институциите ќе се групираат по области на дејствување. Министерствата ќе бидат креатори на политики, агенциите ќе се задолжени за спроведување на политиките, а функцијата на надзор ќе биде во надлежност на инспекторатите. За тоа ќе биде потребна и ревизија на Законот за организација на органите на државна управа. Опциите за институциите се да го задржат статусот и функцијата, да бидат присоединети со друга институција, а може да дојде до спојување на повеќе институции во една, да дојде до укинување на институцијата и пренос на нејзината надлежност на друга институција, но и да се формира нова институција – во исклучителни случаи каде што функцијата се извршува дисперзирано од страна на повеќе институции или е сосема нова функција.
Како што покажала направената анализа на регулативата, само 62 органа се регулирани со Законот за организација и работа на органите на државната управа, а 66 со посебни закони. Тоа, укажа ресорниот министер, значи дека повеќе од половина од државните органи се формирани без да им се определи јасно статусот, не се препознаваат линии на одговорност, а постои и поклопување на надлежности. Регулативата со која се формираат агенциите и инспекциските служби на централната власт е фрагментирана, сложена, нејасна и предмет на чести измени и дополнувања, потенцираше министерот за информатичко општетсво и администрација.
Владата ќе ја спроведува реформата со препораки на Европската Унија и СИГМА и со помош на УСАИД и од УНДП. За претстојниот процес, според Манчевски, ќе бидат потребни и серија на законски измени. – За некои можеби ќе биде и болен процес, но тоа е нешто што мора да се направи за да се стави ред на хаосот. Тоа ќе значи укинување можеби на институции, намалување на бројот на менаџери, управни одбори и раководни лица. Во прв план да се обидеме на луѓето да им најдеме место во системот доколку анализата норнмално укаже дека одреден број на луѓе се прекубројни како што веќе најавуваме долго време ќе подготвиме една понуда до приватниот сектор и под одредени услови ќе се обидеме да ги префрлиме луѓето таму, рече Манчевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Од 1 август лани досега има одлив на 6.479 лица од администрацијата по различни основи, како пензионирање, спогодбено, а од нив 901 сами си дале отказ. Бројот на вработени во јавниот сектор, како што рече Манчевски, се намалува и изнесува околу 125.000.