Во земјите-членки на Европската Унија, 3,6 отсто од луѓето на возраст од 16 и повеќе години изјавиле дека се незадоволни од лекарските прегледи или лекувањето. Какви се состојбите во Македонија
Задоволството или незадоволството на пациентот од здравствената услуга во која било здравствена установа во државата зависат првенствено од организираноста на самата институција, согласни се лекарите. Влијание имаат и влоговите и ресурсите со кои располага здравството, но организациската поставеност е клучна за перцепцијата за квалитетот на услугата што ја добива пациентот.
За задоволството од здравствените услуги, Евростат неодамна објави податоци според кои во земјите-членки на Европската Унија (ЕУ), 3,6 отсто од луѓето на возраст од 16 и повеќе години изјавиле дека се незадоволни од лекарските прегледи или лекувањето.
Д-р Божидар Кочоски од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари вели дека здравството е дејност што секогаш е рангирана подолу на листата.
– Постои незадоволство и перцепција на незадоволство кај пациентите и тоа е константен процес, кој треба да се мониторира. А секое мониторирање е за доброто на оние што ги креираат здравствените политики. Мерењето на сатисфакцијата на пациенти треба да се спроведува редовно и да се следи. Тоа треба да се прави за да се воочат слабостите и недостатоците на системот. Ние како асоцијација, при протестот што го направивме за насилството, укажавме на потребата за поефикасен мониторинг бидејќи насилството врз лекарите е поврзано со незадоволството на пациентите – вели Кочоски.
Тој истакна дека незадоволството често произлегува од неорганизираноста на здравствените установи.
– Пациентот мора да се шета по клиники, сам да носи реагенси за анализи, и поради тоа сметам дека незадoвoлството повеќе се јавува од тие причини – од непостоењето на клинички центар каде што ќе се прави сѐ на едно место. Од друга страна, во јавното здравство ресурсите се однапред определени. Јас конкретно работам во јавно здравство со ресурси што ни се однапред определени. Незадоволството на пациентите се насочува кон докторите, односно кон оние што работат, а здравствената услуга не често зависи од самите нас. Ние мора да сме реални, да видиме колку вработени имаме, а во согласност со тоа и какво здравство очекуваме. Не можеме да зборуваме за вселенско здравство, а да издвојуваме малку пари како држава за здравство. На пример, Словенија троши 10 пати повеќе за здравство од нас – појаснува докторот.
Во Европската Унија, 3,6 отсто од луѓето на возраст од 16 и повеќе години рекле дека се незадоволни од лекарскиот преглед или од лекувањето. Најчесто пријавена причина е тоа дека лекарскиот третман им бил недостапен.
Еден процент од луѓето на возраст од 16 и повеќе години изјавиле дека третманот што им бил потребен бил прескап. Следна најчеста причина за нетретирање било постоењето на „список на чекање“ (0,9 отсто) или затоа што луѓето „сакале да чекаат и да видат дали проблемот ќе се реши сам“ (0,6 отсто).
Во Грција на пример пациентите што не добиле соодветна здравствена услуга, рекле дека тоа се случило поради тоа што третманот им бил недостапен затоа што им бил прескап (8,3 отсто), по што следуваат Летонија (4,2 отсто), Романија (3,4 отсто), Италија (2 отсто), Белгија (1,7 отсто), Португалија (1,6 отсто), Бугарија (1,5 отсто), Кипар (1,4 отсто) и Полска (1,1 отсто).
Од друга страна, најзадоволни се пациентите во Чешка и во Финска. Таму процентот на незадoвoлни е речиси 0 отсто. Во најголем број од земјите-членки на ЕУ, помалку од 1 отсто од популацијата пријавиле дека се незадоволни од медицинските услуги поради финансиски причини.