Министерката за одбрана во посета на гарнизонот „Мирче Ацев“ во Прилеп
Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска денеска ја посети касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, при што имаше брифинг со градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски, со началникот на ГШ на АРМ генерал потполковник Васко Ѓурчиноски, генерал мајар Павле Арсоски – командант на КО, командантот на Првата бригада полковник Бесник Емини и командантот на гарнизонот потполковник Ѓорѓи Василевски.
При тоа вицепремиерката Шеќеринска им се обрати на војниците и старешините, заблагодарувајжи им се за нивниот придонес во овие тешки времиња.
– Сакам да ви се заблагодарам што помагате во заедничките напори да ја пребродиме оваа криза со корона вирусот. Најтешка здравствена криза која што ја памети, не само нашата земја, не само нашиот регион, туку и целиот свет. Затоа армијата се најде навистина во првите вистински борбени редови, на оваа битка којашто значи живот. Патролирате заедно со полицијата. Во пограничните региони многу често сте и сами. Обезбедувате витални објекти, ги чувате објектите за карантинско сместување, а од вчера се вклучивте и многу подиректно во акциите кои што значат секојдневен живот, но секојдневен живот во многу несекојдневни и многу различни околности – рима порачала министерката за одбрана на војниците и старешините, според МО, при тоа честитајќи го приемот во НАТО. Според неа, за Армијата никогаш не е лесно.
– Кога е криза, голем товар паѓа на нејзините плеќи. Голем товар паѓа на вашите плеќи. Кога не е криза, па изгледа дека тој голем товар, како да луѓето или државата го забораваат. И затоа сакам да бидам тука со вас, во моменти кога е криза, и да ви кажам дека како што вчера не ја заборававме таквата жртва, тоа нема да го направиме ни кога оваа криза ќе заврши… Денеска сме членка на најмоќната алијанса во најтешки околности, меѓутоа видовме дека и во најтешки околности алијансата е помош. Можеби овие информации не беа доволно достапни во јавноста, но пред вас мислам дека можам да ги кажам. Првите храбри и одлучни чекори кои што ги направи владата за да од сам почеток стави крај, да стави ограничување, да стави малку и рестриктивни мерки за да го спречи наглото ширење на коронавирусот, беа резултат на системот на информирање којшто веќе го примивме како членка на НАТО. Врз база на тие информации, врз база на споредба со други држави, бевме способни, и бевме во можност многу брзо да воведеме мерки, да го зголемиме социјалното дистанцирање меѓу граѓаните, да воведеме систем на 50/50 работа во администрацијата, и на тој начин да го намалиме бројот на заболени и бројот на жртви. Веднаш од самиот почеток ги активиравме НАТО инструментите и за поддршка, и еве до денеска ја добивме и поддршката од Соединетите Американски Држави и од Турција, Романија, Словенија, Чешка, Унгарија, Велика Британија и Бугарија. Она што е јасно е дека вежбата која што, или помошта која што највеќе ја искористивме, е вежбата во вашето знаење и капацитети. И тоа е вежба која што ни овозможи луѓето кои што се на први борбени редови, да бидат добро обучени, да имаат знаење, да имаат искуство, и да имаат сила да се наметнат со тоа искуство – посочи Шеќеринска, истакнувајќи ја грижата на МО за Армијата. Ка.М.