Аналитичарите во Македонија имаат поделени ставови за тоа како треба да се позиционира МПЦ, откога пред неколку дена вселенскиот патријарх Вартоломеј ѝ го предаде томосот за автокефалност на Украинската православна црква. Едни сметаат дека таа треба јавно да ги поддржи одлуките на Вселенската патријаршија, а други дека во моментов е потребна воздржаност, за да не се предизвикаат дополнителни реакции од другите цркви
Дали Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) треба да биде јасно наклонета кон новата автокефалност на Украинската православна црква и да ја поддржи Вселенската патријаршија, а со тоа да се надева дека таа ќе биде следната црква што ќе биде признаена од патријархот Вартоломеј? Или, пак, МПЦ треба да остане воздржана барем до моментот кога Вселенската патријаршија не го почне процесот за признавање на МПЦ?
Аналитичарите во Македонија се со поделени ставови за тоа како треба да се позиционира МПЦ во овој момент.
Едни сметаат дека таа треба јавно да се приклучи кон одлуките на Вселенската патријаршија, а други дека во моментов е потребна воздржаност, за да не се предизвикаат дополнителни реакции од другите цркви.
Имено, на 6 јануари оваа година вселенскиот патријарх Вартоломеј ѝ го предаде томосот за автокефалност на Украинската православна црква, по што следуваа поделени реакции во православниот свет.
Сега веќе останува прашањето како другите автокефални православни цркви ќе се позиционираат. По овој Божиќ ќе се бројат поглаварите што во своите литургии го спомнале, или не, името на новиот поглавар на Украинската православна црква, Епифаниј, како и дали и кои од нив ќе одлучат да сослужуваат со него.
Бранко Ѓорѓевски, познавач на состојбите во православието, вели дека ова е добар развој на настаните меѓу православните цркви, кој ѝ оди во прилог на МПЦ. Сепак, смета дека нема потреба владиците на МПЦ да брзаат и веднаш да се огласуваат, застанувајќи на страната на украинската автокефалност и на Вселенската патријаршија.
– Со оглед на политичката ситуација во земјата, која ќе кулминира овие денови со гласање на уставните измени во насока на спроведување на договорот од Преспа, подобро е МПЦ да остане воздржана. Зашто во спротивно може да навлече револт кај некои православни цркви. Оваа битка ја водат големите православни сили, барањето на МПЦ, секако, е ставено во процедура, зашто вселенскиот патријарх рече дека ќе се заложи за него. Нашите аргументи за добивање автокефалност, секако, се поголеми од оние што ги имаше Украинската црква – истакнува Ѓорѓевски.
Марјан Ѓуровски, претседател на Македонско политиколошко друштво, потсетува дека оваа година веројатно ќе има повеќе геополитички и црковни случувања од кои нашата држава не може да остане изолирана. Затоа, според него, треба да се носиме со предизвиците и време е за храбар историски потег за да покажеме каде припаѓаме како црква, народ и верници.
– За време на Божиќната архијерејска литургија ќе беше добро од страна на МПЦ да беше спомнат поглаварот на Украинската православна црква, Епифаниј, меѓу другите архиепископи и патријарси, по чешкиот – додава Ѓуровски.
Инаку, името на Епифаниј во редот на диплтихот на поглавари веќе почнаа да го споменуваат некои од архијереите на православните цркви. Тоа го направија двајца владици на Грчката православна црква за божиќните чествувања на 25 декември минатата година.
Остри реакции од Руската црква
Русија остро реагира на одлуката Цариград да ја признае Украинската црква. Портпаролот на Руската православна црква, Владимир Легоида, изјави дека документот (томосот за автокефалност) е резултат на политички и лични амбиции и бил потпишан со кршење на каноните и затоа немал никаква канонска сила.
Според експертите наклонети кон руската црква, пак, само прашање на време е кога оваа одлука на вселенскиот патријарх Вартоломеј ќе донесе уште поголеми поделби и потреси во православниот свет.
Г. Петар: МПЦ е следна за признавање
Владиката Петар се надева дека до крајот оваа година, по Украинската црква, МПЦ ќе биде следна што ќе добие томос за автокефалност од страна на Цариград. Иако вели дека засега нема постојани контакти со Вселенската патријаршија, тој очекува дека тие ќе се воспоставеле по празниците.
– МПЦ ги исполнува, не од сега, туку од поодамна сите услови за тоа, само можеби требаше да почекаме да дојде денот да се исполни таа наша надеж и тоа ветување што ни беше кажано од поодамна дека ќе дојде денот за и нашата црква да биде признаена како автокефална – изјави г. Петар.