Амбиентот што провејуваше во Македонија на одбележувањето на Илинден, темелниот датум за постоењето на македонската држава, годинава во себе ја содржеше димензијата на историскиот пресврт пред кој се соочени нејзините граѓани. Речиси „еден миг“ спроти празникот, на 30 јули, Собранието на РМ го распиша референдумот на кој граѓаните треба да се изјаснат за стапување на Македонија во сојуз со ЕУ и НАТО, со прифаќање на спогодбата од Мала Преспа и промена на името на државата, како неизбежен услов. И претходно, но по објавувањето на одлуката за референдумот, јавноста во земјава е драстично поделена во однос на одлуката што се бара од неа. Во своите илинденски обраќања претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието, Талат Џафери, и премиерот на Владата, Зоран Заев, најмногу беа насочени кон искажување на своите ставови и аргументи за (не)оправданоста токму на спогодбата со Грција и референдумот.


Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија

Во ЕУ и во НАТО со свое име, достоинство и чест

Во своето обраќање на 2 август во Крушево, по повод двата Илиндена, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов јасно и остро го повтори ставот дека е против грчкиот договор и дека не го прифаќа. Притоа нагласи дека ниту еден поединец од ниту една генерација нема право да тргува со името и со идентитетот.

Претседателот ја обвини Владата дека го заобиколува во врска со ова прашање. Се повика на Конески, Прличев, Делчев, Глигоров, Трајковски, укажувајќи колкаво е значењето на македонската државност, јазикот, нацијата.

– Да се биде Македонец не е само право туку и обврска, Да не им го одземаме на идните генерации правото што го оставија нашите предци – истакна Иванов.
Според Иванов, македонските граѓани се сплотени околу идејата за членство во ЕУ и во НАТО, но таму сакаат со своето име, достоинство и чест.

– Верувам дека народот е доволно зрел и мудар да ја одбере својата иднина. Да ја чуваме независна Република Македонија, нема ништо повредно од тоа – рече Иванов. Осврнувајќи се на грчкиот договор, Иванов истакна дека е лага дека со него се менува само името.

– Напротив, се менува и македонскиот државен национален идентитет, се погазува 74-годишното право на самоопределување, се брише државноправниот идентитет, 27-годишната историја на државата. Лага е дека се гарантира членството во ЕУ и во НАТО, зашто без вистински реформи, борба со корупцијата и партискиот клиентелизам, нема евроатлантски интеграции. И да се смени Уставот, членството не следува по автоматизам. Со прифаќање на грчкиот договор се деградираат нашите права во ОН, стануваме потчинети и зависни од Грција. Лага е дека се јакне македонскиот идентитет, а всушност правно се укинува македонскиот народ – нагласи шефот на државата.

И порано се обидувале да ни накалемат туѓ идентитет, но не успеале. Сега, рече Иванов, нѐ убедуваат сами себеси да се укинеме, македонскиот народ да изврши правно и историско самоубиство.

– Големо е името, ќе посакаат да ни го земат, рече Конески, а со договорот сами го даваме. Останувам доследен и принципиелен – не го прифаќам грчкиот договор, кој е на штета на македонскиот идентитет. Без македонски народ, општото добро ќе биде сведено на ничие и секој ќе може да го разнебитува, а земјата ќе стане ничија. Без македонскиот народ, нема македонска република – посочи претседателот .


Талат Џафери, претседател на Собранието на РМ

Граѓаните пред уште една судбоносна одлука

По повод националниот празник Илинден, на 2 август, пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, во центарот на Скопје, се обрати и претседателот на Собранието на РМ, Талат Џафери.

– Илинден е еден од темелните датуми во историјата на Република Македонија и нејзините граѓани, кои имале една единствена цел, слободна, независна држава, во која почитувањето на човековите права и слободи ќе биде еднакво за сите, без разлика на нивната етничка, верска или која било друга карактеристика -истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Претседателот на Собранието рече дека во овие 27 години самостојност Македонија поминала многу премрежиња и кризи, но оти заедно успеавме да ги надминеме и да одиме напред. Тој посочи на поддршката од мнозинството граѓани за целосна интеграција во НАТО и во ЕУ и ги повика опозицијата и сите граѓани да го поддржат исполнувањето на спогодбата со Грција за името.

– Веќе е добиена поканата за полноправно членство во НАТО и имаме конкретен датум за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија – потсети Џафери, споменувајќи дека за ова ни помогнале нашите пријатели и стратегиски партнери од меѓународната заедница.
Сега, посочи тој, сите ние како граѓани сме пред уште една голема и можеби судбоносна одлука.

– Дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање на земјата или пак ќе заглавиме на слепиот балкански колосек, кој не нѐ води никаде, е наш избор – постави како дилема Џафери. Актуелната власт и парламентарното мнозинство, според него, покажаа дека се подготвени да ја преземат одговорноста за иднината на државата и на граѓаните.

– Оттука, ја повикуваме и опозицијата да преземе дел од одговорноста што ѝ припаѓа за иднината на државата и граѓаните. Затоа, денеска, кога ги одбележуваме двата Илиндена и кога изразуваме неизмерна почит и благодарност до сите илинденци, би сакал од ова место да апелирам до сите граѓани на Република Македонија, до сите лидери на политичките партии и до сите мои колеги пратеници од мнозинството и опозицијата да бидат вистински одговорни и визионерски и со моќта на својот глас да го поддржат исполнувањето на договорот со кој ќе се исполни стратегиската цел – членство во ЕУ и во НАТО – рече Џафери.


Зоран Заев, премиер на Владата на РМ

Повик за иднина наместо небиднина

Искажувајќи почит за „храброста на нашите борци на кои денес им се поклонуваме“, премиерот на Владата на РМ, Зоран Заев, од Пелинце, на Илинден порача дека токму тоа „е мотивот што нѐ води секој ден, за држава исправена пред светот“. Сепак, Заев го намени обраќањето во Пелинце за да апелира граѓаните да излезат на референдумот на 30 септември и да кажат „да“ за идните генерации и за иднината на Македонија. Тој рече дека договорот со Грција е патриотски и дека со него се зачувуваат македонскиот идентитет, јазик и државјанство и повика на единство, наместо на поделби.

– Да ги запреме сите поделби, да се обединиме внатре и со европското семејство за да имаме утре. Пред неколку дена го потврдивме датумот за референдумот – 30 септември. Тоа е денот на нашата нова историска одредница, денот кога ќе донесеме одлука за нашата иднина како дел од семејството на ЕУ и на најсилниот сојуз НАТО. Државотворните народи препознаваат вакви историски моменти, во вакви моменти не се седи дома, не се молчи, туку шансата треба да се зграби храбро, одлучно, достоинствено – повика премиерот Заев.

Во својот говор, премиерот констатира дека доста беа заробена држава, криминал, корумпирано судство, купени медиуми, политичка мафија…
– Доста е небиднина, ќе избереме иднина, време е за иднина наместо небиднина. На 30 септември ќе ги одбиеме мракот, криминалот, неизвесноста и изолацијата. Ве повикувам сите да кажете со гордост „да“, да кажеме „да“ за гарантирана стабилност и безбедност преку членство во НАТО, за признаен и потврден идентитет, јазик и култура. Ние сме „за“, за нас, за нашите идни генерации, за иднината на Македонија – порача премиерот Зоран Заев од Пелинце.

Осврнувајќи се на спогодбата со Грција, премиерот рече дека овој документ, историски гледано, е најдобрата и фер шанса за македонските граѓани, влог во македонската иднина што го расчисти патот за влез на Македонија во НАТО и почеток на преговори со ЕУ.

– Носиме подобар живот за сите граѓани и го чуваме богатото културно и историско наследство. Договорот го заштити целосно македонскиот јазик. Според членот 1, официјален јазик на нашата држава е македонскиот, јазикот е потврден, а идентитетот е зачуван, зачувано е и државјанството. Тоа ќе биде македонско, граѓани на Северна Македонија, „МК“ и „МКД“ се прифатени и остануваат меѓународно прифатливи кодови – посочи Заев.