Штетното влијание од настаните во Косово најмногу може да се процени во економска смисла на зборот, бидејќи по вакви случувања никој од светот нема да сака да инвестира во регион во кој сѐ уште има силни безбедносни превирања, сметаат експертите
Каков ефект имаат последните безбедносни превирања во Косово врз Македонија и какви чекори треба да преземе нашата држава за да ја зачува стабилноста, се прашањата што се наметнаа откако безбедносните експерти оценија дека состојбите во Косово генерално се рефлектираат врз целиот регион, пред сѐ, во сферата на економијата. Аналитичарите истакнуваат дека сепак простор за паника нема бидејќи надлежните во државата со големо внимание ги следат настаните и ги преземаат сите неопходни чекори за превенирање на евентуалната криза.
Докторот на воено-политички науки, Благоја Марковски, во свој осврт на случувањата истакна дека случувањата на северот на Косово се директно поврзани со процесот на решавање на статусот на земјата, кој го водат Белград и Приштина, и сето тоа е само израз на тензичната состојба на преговорите, кои, најверојатно, во скоро време нема да се решат без силна и експлицитна интервенција на меѓународната заедница, пред сѐ на Европската Унија.
Марковски во контекст на последните случувања вели дека тие ретроградно влијаат на целиот регион и пренесуваат негативни последици кон непосредното соседство, вклучувајќи ја и Македонија.
Тој истакнува дека штетното влијание од настаните во Косово најмногу може да се процени во економска смисла на зборот, бидејќи по вакви случувања никој од светот нема да сака да инвестира во регион во кој сѐ уште има силни безбедносни превирања.
– Во безбедносен контекст мислам дека настаните нема да имаат силен импакт по нашата држава бидејќи скоро е сигурно дека таа годинава ќе стане членка на НАТО – објаснува Марковски.
Според него, земјата сега со помош на сојузниците од Алијансата треба да ги следи состојбите во соседството и да разменува разузнавачки информации.
Марковски додава дека во моментов нема потреба нашите вооружени сили да бидат распоредени по должината на границите со Косово и со Србија бидејќи состојбите се смируваат.
Сличен став има и воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, кој вели дека нема потреба од вознемиреност во државата бидејќи последните случувања во Косово не се новост, а затегнатите односи меѓу Белград и Србија се актуелни со години. Тој истакнува дека нашите безбедносни служби имаат големо искуство со прогнозирање и превенирање на состојбите што доаѓаат од север и е уверен дека, во соработка со сојузниците на НАТО, се врши процена на состојбите и се подготвуваат планови за можни реакции доколку зачестат ваквите инциденти во иднина.
За потсетување, во текот и по тензичните настани во соседството со соопштенија и изјави се огласија и властите во земјата.
Од кабинетот на врховниот командант и претседател, Стево Пендаровски, за медиумите информираа дека будно ја следат состојбата поврзана со акцијата на специјалните единици на косовската полиција.
– Кабинетот на претседателот на Северна Македонија е во постојан контакт со службите и состојбата се следи редовно и со внимание – информираа оттаму.
И од Владата соопштија дека будно се следи состојбата.
– МВР ги следи настаните во Косово, а безбедносната состојба во нашата земја ја оценува како стабилна и без закани за нејзино нарушување – беше истакнато во информацијата испратена до медиумите.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, пак, која во свое телевизиско обраќање исто така уверуваше дека нашата безбедност е гарантирана, а институциите внимателно ја следат состојбата во Косово, истакна оти случувањата на северот на Косово се порака дека на Балканот, безбедноста сѐ уште е тема.