ФИЛМ+: Приказната во филмот „Додека ме држат нозете“ („Страхиња Бановиќ“) е позната, но филмскиот концепт што го применивте направи разлика во нашата опсервација на светот на бегалците. Тоа јасно го покажаа жиријата и публиката на фестивалите низ светот со своите реакции. Што беше пресудно филмот да го добие епитетот современа епска драма?
Стефан Арсениевиќ: Тешкотиите низ кои поминуваат емигрантите се еквивалентни на она што се сметало за јунаштво во средниот век. Ако само за момент се ставите во нивна позиција и ги согледате илјадниците километри што често ги поминуваат пешачејќи, ако само се обидете да ја разберете целата жртва што тие ја „принесуваат“ на тој пат кон неизвесноста… Восхитува таа нивна борба за подобар живот. Гледано од дистанца, како на интимен, така и на емотивен план, тоа е драма од епски размери. Фактот што како база го земавме средновековниот еп, а создадовме современа бегалска приказна, го донесе филмот на ново наративно ниво и го отвори за некои дополнителни интерпретации. Направивме еден уметнички експеримент. Споивме два навидум сосем различни светови и покажавме дека тие и не се толку различни. Мислам дека традицијата секогаш треба да се преиспитува низ современ контект, за да биде жива и релевантна…
Целото интервју со српскиот режисер, Стефан Арсениевиќ, можете да го прочитате во викенд изданието на ФИЛМ+, кое излегува со „Нова Македонија“.