И правниците и политичките аналитичари се согласни дека најголем предизвик на евентуалните скорашни избори ќе биде здравствената заштита на гласачите, но и на членовите на избирачките одбори, па и на набљудувачите, без притоа да биде нарушено уставното право на граѓаните да избираат
Броените 14 дена од четвртата вонредна состојба постепено се осипуваат, а прашањата поврзани со запрените изборно-политички процеси во земјава се чини и понатаму се далеку од одговор. Секојдневно големите бројки на позитивно тестирани од коронавирусот во последниве десетина дена, за многумина претставуваат логичен аларм за продолжување на вонредната состојба, но како релевантна во јавноста е и процената на здравствените власти дека иако бројката на новозаразени неколку дена по ред надминува трицифрени бројки, сепак пандемијата е под контрола на здравствениот систем. Таквата процена на здравствените власти за други политички аналитичари претставува сигнал дека Владата можеби по истекот на овие 14 дена (на 13 јуни) нема да побара ново продолжување на вонредната состојба. Според правните толкувања, пак, со укинување на вонредната состојба, продолжуваат запрените изборни активности, односно течат роковите за предвремени избори.
– Вонредната состојба е потребна само за одложување на изборите, зашто Владата може да носи мерки за заштита и спречување на пандемијата врз основа на Законот за здравствена заштита. Не мора тоа да го прави со уредби со законска сила, за кои добива овластување со вонредната состојба. Во меѓувреме, иако официјално, јавно, нема договор за датумот за одржување на изборите, гледаме дека партиите на големо почнаа со своите изборни кампањи. Тоа ми сигнализира дека е можно набргу да биде постигнат партиски договор за одржување на изборите. Но друг проблем е што никој во земјава технички и здравствено превентивно не се подготвува за избори: ниту ДИК, ниту граѓаните што треба да излезат на избори – вели Борче Давитковски, професор по Управно право на Правниот факултет при УКИМ.
Давитковски вели дека наместо да се преземаат заеднички подготвителни активности за имплементирање на новите протоколи за здравствена заштита на изборниот процес од страна на ДИК и Кризниот штаб, овие институции чекаат пасивно на политичката одлука за укинување или продолжување на вонредната состојба. Професорот предупредува дека можеби ќе биде потребна и измена на Изборниот законик за да се предвидат некои ситуации од (не)спроведување на протоколите за здравствена заштита, а да не биде загрозено уставното право на гласачите да избираат.
Од политичките партии во јавноста за време на продолжениот (делумно карантински) викенд како да стивнаа апелите за постигнување консензус за одржување избори, но во текот на вчерашниот ден (8 јуни), вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на прес-конференција изјави дека „ставот на Владата за вонредната состојба и мислењето на Комисијата за заразни болести за состојбата со пандемијата ќе бидат одлучувачки за датумот за одржување на изборите“. Османи прецизира дека владиниот став ќе биде познат до петок, кога завршува вонредната состојба. Тој рече дека до петок ќе се направи пресек на трендовите и ќе се разгледа мислењето на комисијата. Истовремено, вицепремиерот ја спомена и потребата за лидерска средба, но за да се постигне консензус за позициите на земјата што тој ќе треба да ги претстави на првата меѓувладина конференција за почнување преговори со ЕУ.
– Останува процената на здравствените работници за тоа дали актуелните статистички трендови на пораст на позитивни од коронавирусот го (пре)оптоваруваат здравствениот систем да биде клучна за одлуката за продолжување на вонредната состојба. Измешани се чувствата околу потребата за укинување на вонредната состојба за одење на избори. Од една страна, очигледно дека нема бегање од вирусот и мораме да се справуваме со него и да ги адаптираме формите на општествено-политички активности според новите услови. Од друга страна, пак, иако најголемиот број случаи во статистиката на новозаразените од коронавирусот се асимптоматски, сепак не може да се избегне состојбата дека граѓаните се исплашени од можното дополнително ширење на пандемијата со избори. Инаку, вонредната состојба не ѝ е потребна на Владата за справување со здравствената криза, туку таа е повеќе во функција на потребите од економски мерки. Полициски час или некои други мерки за спречување на пандемијата може да се спроведат врз основа на Законот за здравствена заштита – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
И правниците и политичките аналитичари се согласни дека најголем предизвик на евентуалните скорашни избори ќе биде здравствената заштита на гласачите, но и на членовите на избирачките одбори, па и на набљудувачите, без притоа да биде нарушено уставното право на граѓаните да избираат. Што се однесува до продолжувањето на вонредната состојба, за тоа не постојат уставни временски ограничувања.
Какво е расположението за избори
Иако стивнаа предлозите за избори, партиите јавно не се откажале од своите ставови за терминот за одржување избори. Владејачката СДСМ смета дека изборите треба да се одржат 22 дена по укинувањето на вонредната состојба, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека тие треба да се спроведат на крајот на летото. Според неодамнешната анкета на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), за евентуални избори на почетокот на јули за да има целосно функционални институции се 24,8 отсто од анкетираните граѓани. Додека за предвремени парламентарни избори за да се намали ризикот од новозаразени и да се обезбеди поголем одзив во август или септември се 40,2 отсто од испитаниците.