Министерката за образование и наука, Мила Царовска, присуствуваше на промоцијата на учебникот „Играта и учењето – нови концепти во раното учење“ од Лена Дамовска, кој третира низа суштински и актуелни прашања поврзани со новите парадигми во педагогијата на 21 век.
Царовска истакна дека оваа литература е целосно во согласност со насоките од новата Концепција за основно образование чија имплементација започна со стартот на новата учебна година.
– Учебникот всушност е наменет за наставниците и ги упатува како да одберат начин кој ќе го привлече вниманието на учениците, за да им го пренесат знаењето кое треба да го апсорбираат на соодветната возраст. Препораката на авторката, со што јас целосно се согласувам е тоа да се прави преку игра, бидејќи докажано е дека така ефектот од учењето е најголем кај најмалите – рече Царовска.
Министерката потенцираше дека и новите учебници за прво и четврто одделение кои се изработени согласно новата Концепција и усвоените наставни програми се изработени токму врз основа на начелото дека играта е моќна алатка во процесот на рано учење и затоа изобилуваат со квизови и игри, а оние за четврто одделение, имаат и своја дигитална верзија која обезбедува уште повеќе интерактивни и мултимедијални содржини.
– Новите учебници внесуваат свежина во образовниот систем и им се допаѓаат на наставниците и на учениците. Тоа е најважно. Значи дека ќе ги практикуваат и ќе го постигнеме ефектот кој е проектиран при конципирање на промените, да изградиме генерации кои ќе бидат креативни, иновативни и критички ќе размислуваат – рече Царовска, додавајќи дека очекува со новините кои наложуваат и примена на современ педагошки пристап од страна на наставниците ќе се овозможи учениците да бидат активни партиципанти во процесот на стекнување на сопствените знаења.