Македонија не е приватна сопственост за некој да тргува со неа и со нејзините вредности, не е личен имот за некој да ја распродава, не е ничија земја за секој да ја присвојува, туку му припаѓа на народот што ја создал, порача денеска од Крушево претседателот Ѓорге Иванов.
Во обраќањето по повод двата Илиндена, Иванов јасно и остро го повтори ставот дека е против Грчкиот договор и дека не го прифаќа. Ниту еден поединец од ниту една генерација, рече, нема право да тргува со името и иднетитетот.
Претседателот ја обвини Владата дека го заобиколува во врска со ова прашање. Се повика на Конески, Прличев, Делчев, Глигоров, Трајковски, укажувајќи колкаво е значењето на македонската државност, јазикот, нацијата.
Да се биде Македонец, не е само право, туку и обврска, потенцира претседателот. Да не им го одземаме на идните генерации правото што го оставија нашите предци.
Според Иванов, македонските граѓани се сплотени околу идејата за членство во ЕУ и НАТО, но таму сакаат со своето име, достоинство и чест.
– Верувам дека народот е доволно зрел и мудар да ја одбере својата иднина. Да ја чуваме независна Република Македонија, нема ништо повредно од тоа, рече Иванов, нагласувајќи дека ниту еден политичар нема мандат да тргува со идентитетот на народот.
Ниту една генерација, дополни, вклучително и нашата, не може да тврди дека со и од неа почнува се. Нацијата и државата се создадени од многу генерации, низ историјата.
– Ако Тајванскиот договор беше резултат на среброљубие, Грчкиот е резултат на славољубие. Ако со Тајванскиот договор се направи обид за редефинирање на територијата, со Грчкиот се редефинира државата. Се зборува за владеење на правото, а се врши правно насилство. На некои политичари, како да им е побитна личната слава од достоинството на нашиот народ, рече Иванов.
Осврнувајќи се на Грчкиот договор, потенцира дека е лага дека со него се менува само името.
– Напротив, се менува и македонскиот државен национален идентитет, се погазува 74-годишното право на самоопоределување, се бриши државно-правниот идентитет, 27-годишната историја на државата. Лага е дека се гарантира членството во ЕУ и НАТО зашто без вистински реформи, броба со корупцијата и партискиот клиентелизам, нема евроатлантски интеграции. И да се смени уставот, члеството не следува по автоматизам. Со прифаќање на Грчкиот договор се деградираат нашите права во ОН, стануваме потчинети и зависни од Грција. Лага е дека се јакне македонскиот идентитет, а всушност правно се укинува македонскиот народ, нагласи шефот на државата.
И порано се обидувале да ни накалемат туѓ идентитет, но не успеале. Сега, рече Иванов, не убедуваат сами себе да се укинеме, македонскиот народ да изрши правно и историско самоубиство.
– Големо е името, ќе посакаат да ни го земат, рече Конески, а со договоорт сами го даваме. Останувам доследен и принципиелен – не го прифаќам Грчкиот договор кој е на штета на македонскиот идентитет. Без македонски народ општото добро ќе биде сведено на ничие и секој ќе може да го разнебитува, а земјата ќе стане ничија. Без македонскиот народ, нема македонска република. Каков е тој просперитет без идентитет, без слобода да се наречеме со нашето сопствено име, посочи претседателот и апелира да се спречи злоуптребата на власта за теснопартиски, линчи интереси, како и да не се сквернават нашите стратегиски определби за ЕУ и НАТО.
Според Иванов, за да ја разбереме историската одоговорност на народот кон својата Република, неопходно е да се вратиме на изворот каде што водата е најбистра, Во овој контекст, посочи, Гоце Делчев верувал дека, не силната индивидуа, туку организараната сила на народот треба да ја извојува победата.
Непосредно пред обраќањето на Иванов, собраните граѓани ја запеаја „Едно име имаме“, а додека траеше говорот во повеќе наврати го скандираа неговото име.
Иванов претходно положи венец на Мечкин камен. По него венци положија и делегации од Собранието на РМ и од Владата кои од толпата беа проследени со свирежи.
На Мечкин камен се поклонија и делегации од Генералштабот на АРМ, Општината, Сојузот на борци,…
Во рамки на одбележувањето на двата Илиндена во Крушево беа прочитани Крушевскиот манифест, како и Манифестот напишан од Петре М. Андреевски.