Oд денескa уникатен новитет – насловна страница и напред и одзади
Утринското читање весник сѐ уште е навика без која многумина не можат да си го замислат почетокот на денот. Читателските навики кај луѓето се различни, некои го почнуваат овој ритуал од насловната страница, некои пак веднаш скокаат на оние наслови што најмногу им го привлекуваат вниманието. Но зачудувачки се статистиките што покажуваат дека најголем број читатели прво го вртат весникот од назад, дел и го купуваат главно поради задните страници, каде што обично се вестите од спортот, културата и магазинските содржини. Да не се овие страници, всушност читаноста би опаднала за неверојатни 50 проценти!
Тоа ни покажа дека треба да го следиме пулсот на читателската публика, која очигледно е заморена од политика. Таквата ургентна потреба за повеќе и подобро организиран простор за културата, уметноста, науката, технологијата и спортот постави нов предизвик во визуелното и содржинско обликување на нашиот весник. И оттаму идејата за две насловни страници.
Времето во кое за културата и спортот се размислуваше како за козметика е зад нас. А „Нова Македонија“ секогаш чекори со времето!