Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро го осуди инцидентот за време на вчерашната манифестација по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици во Скопје, во кој беше повредена новинарката Мирјана Мирчевска-Јовановиќ од Канал 5 телевизија.
– Бараме од Министерството за внатрешни работи веднаш да реагира и да спроведе итна истрага за инцидентот со идентификување на напаѓачот на новинарката, а потоа и да поднесе кривична пријава за насилство до Јавното обвинителство во Скопје за што ќе биде поведена соодветна постапка. Освен ова, бараме од МВР да истражи дали и на други новинари и медиумски работници, присутни на настанот, им била повредена физичката безбедност како и правото слободно да известуваат пред јавноста, се наведува во денешното соопштение од ЗНМ.
Владата на Република Македонија во 2018 година, како што велат од ЗНМ, вети дека слободата на медиумите и на новинарите се главни приоритети за кои таа ќе се залага и дека ќе има нулта толеранција кон насилството кон новинарите.
-Доколку власта сака искрено да испрати јасна порака дека нема да толерира нападни врз новинари мора веднаш да го истражи овој случај и остро да ги санкционира насилниците, се додава во соопштението од ЗНМ.
Од ЗНМ велат дека во случајов Македонската православна црква има најголема одговорност да обезбеди безбеден пристап за известување на новинарите во професионалното вршење на своите задачи.
-Со овој инцидент во кој беше повредена колешката Јовановиќ одговорноста не е само кон напаѓачите туку и кон организаторот, стои во соопштението на ЗНМ.
Инцидентот претходно го осудија и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ), Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ),Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Македонската асоцијација на новинари (МАН), како и политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.