Повеќе од 20 проценти од затворениците во казнено-поправните установи во Македонија се зависници од дрога, односно 476 од вкупно 2.118 затвореници страдаат од нарушувања предизвикани од употребата на наркотици, според извештајот на Национален превентивен механизам што денеска го објави народниот правобранител Насер Зибери.
Зибери истакна дека во овие бројки не се опфатени затворениците кои употребуваат дроги, а кои одбиваат да се лекуват, нагласувајќи дека „оваа категорија на затвореници се маргинализрани, стигматизирани и оставени без неопходна здравствена и медицинска заштита“. Тој ја посочи како сериозно загрижувачка состојбата во затворот во Куманово, каде што истагна оти 35,5 проценти од осудениците и 65 проценти од вкупниот број на притворени се со нарушувања предизвикани од користењето на дрога.
Народниот правобранител по службена должност информираше и дека отворил предмет во врска со проблемите околу издавањето лични документи и регистарски таблички, откако пристигнале индивидуални претставки од граѓани по кои ќе се постапува.
Зибери посочи и дека во периодот од јануари до септември минатата година во полициските станици на подрачјето на биле приведени вкупно 1.080 лица, од кои само петнаесетмина, или само еден процент, го искористиле правото на бранител. Во истиот период од слобода биле лишени вкупно 3.278 лица, од кои само 144 повикале бранител, односно вкупно биле задржани 713 лица, а само 49 од нив го искористиле правото на бранител.